Министерката за труд и социјална политика не даде надеж за линеарно зголемување на пензиите и покачување на минималната пензија, како што бараат пензионерите преку протести. Минималната пензија од септември ќе изнесува 13.300 денари, најави таа.
Таа очекува до крајот на годинава да се најде соодветно решение како да се определи минималната пензија која би била над прагот на сиромаштија. Таа додава дека барањето на пензионерите за минимална пензија од 18.000 денари е многу нереално, бидејќи во државата минималната плата е 20.000. Ова може да го оптовари пензискиот фонд и по неколку месеци да нема пари за исплата на пензиите за 330 илјади пензионери.
Во меѓувреме, пензионери од цела држава пред два дена протестираа во Скопје. Главните барања се минимална пензија од 18.000 денари и Владата да им ги зголеми пензиите линеарно за 3.500 денари.
Министерството за труд и социјална политика денеска до Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за прашањето за линеарното зголемување на пензиите, а врз основа на мислењето добиено од работната група што ќе се формира ќе се донесат конкретни одлуки и политики. Во него се додава дека е неправедно да се поистоветуваат луѓето кои имаат 15 години работен стаж и оние кои имаат 40 години работен стаж.