Нема невеста од Прилеп што не знае да ги приготви: Oва е рецептот за вкусните прилепски сармички

Утре прилепчани одново ќе го одбележат патронот на градот Свети Николај Чудотворец, заштитникот на Прилеп и празник кој секоја трета куќа во градот под “Марковите Кули” го има за куќна слава.

Прилепските домаќинки деновиве одново се зафатија со приготвување на вкусни посни специјалитети, меѓу кои главни се малите посни прилепски сармички.

Речиси и да нема невеста во Прилеп што не знае да ги приготви овие мали бисерчиња, без чие присуство не може да се замисли трпезата за овој празник. Рецептот е едноставен, но мајсторијата е клучна, колку помали и колку постегнати, толку поубави…

Денеска Прилеп мириса на посни сармички, кои прилепските домаќинки трпеливо ги приготвија. Ќе ги има на трпезите на повеќе од половина град, а ќе ги има и на градската трпеза во центарот на градот, каде традиционално масовно се одбележува празникот.

Ако некоја девојка се подготвува да стане прилепска снаа, еве го рецептот за навреме да го положи испитот:

1. Оризот, црниот пипер, солта, црвениот пипер и маслото се мешаат заедно.

2. Листовите од киселата зелка се сечат на мали парчиња ( отприлика 3 x 5 сантиметри ) .

3. Со мало лажиче се зема од филот отприлика 5-6 зрна. Се виткаат мали сармички и се стегнуваат со рака за да бидат цврсти и во варењето да не се растурат.

4. На дното од тенџерето се ставаат листови од зелка. Врз нив се редат сармичките во круг. Кога ќе се исполни првиот ред, врз сармичките се тура 100 мл масло, 2 лажици црвен пипер и малку црн пипер.

5. Потоа се реди вториот ред и пак врз нив се става масло, црн и црвен пипер. На крај се ставаат листови од зелката.

6. Сармите се полеваат со вода и 2 чаши расолница за да се покријат сармичките.

7. Се става капак за да се потиснат сармичките.

8. Се вари на 180 степени 3-4 часа и од време на време се долева со вода.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.