Нема да има повеќе стаклени летни бавчи во Прилеп – Еве каква одлука донесе Советот денеска

На денешната седница на Советот на Прилеп се дискутираше за новите правила кои се однесуваат на поставување урбана опрема од страна на угостителските објекти, при што беа појаснети измените во програмата за користење јавна површина.

Раководителот на урбанизам при Општина Прилеп, Илија Беличоски, истакна дека технички програмата претрпела минимални измени.

„Технички оваа програма се разликува само во еден мал дел – промената е во насловот, кој е променет од причини што дел од елементите кои ги користат угостителите не претставуваат урбана опрема. Дополнително, се намалува површината на закуп од 6 метри на 4,5 метри“, појасни Беличоски.

Тој нагласи дека нема да биде дозволено издавање одобренија за користење јавна површина која е заградена со стакленици, паравани и слични конструкции пред угостителски објекти. Според него, токму угостителите се тие кои бараат воведување ред во оваа сфера.

„Одобренијата кои ќе им бидат доставени оваа година ќе се прилагодуваат на просторните услови. Разгледани се сите опции за сите граѓани кои планираат да ги користат јавните површини за таа дејност. Од вчерашната дебата со угостителите е констатирано дека сите го сакаат тој ред“, истакна раководителот на урбанизам.

Со предложените измени, локалната самоуправа очекува поголема уреденост на јавниот простор и јасни правила за поставување урбана опрема во централното градско подрачје.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.