Во населеното место Големо Коњари денеска се одигра локалното дерби помеѓу двата второлигаши, гордоста на жителите од ова населено место ФК Големо Коњари и прилепска Победа.
Победи поискусната екипа – Големо Коњари со 2:0, а стрелец на двата погодоци беше Беким Алимоски. Не смее да не им се честита на децата од Победа, кои и покрај поразите, на терен даваат цело срце за црвено-белите бои и се борат клубот да го одржат во натпреварувачки ритам.
Она што остави огромен впечаток беше посетеноста на натпреварот. Околу теренот и на монтажните трибини, присутни беа околу 1000 гледачи, што само по себе кажува колку прилепчани и жителите на околните населени места го сакаат фудбалот.
Oд резултатски карактер средбата помеѓу двете екипи нема ништо да промени на табелата. И покрај триумфот Големо Коњари останува на последната позиција со 7 освоени бода, а Победа има 11.
Во наредното коло Големо Коњари гостува кај Кожуф, а Победа го дочекува Детонит.
























