На цветниот плоштад пред храмот Св. Петка во Прилеп се одржа прекрасен настан во чест на Во чест на Светите Кирил и Методиј (Фото галерија)

Денес, на цветниот плоштад пред храмот „Св. Петка“ во Прилеп, се одржа незаборавен и длабоко инспиративен настан во чест на светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј – апостолите на словото, учителите на духот и столбовите на словенската писменост и култура.

Наши гости и учесници беа наставниците и учениците од ООУ „Блаже Конески“, кои на отворената сцена пред храмот се претставија со свои изведби.

Настанот беше вистинска глетка за очите и храна за душата. Во ова заедничко чествување беа вклучени и претставници од Локалната самоуправа, од Музејот на град Прилеп, родители, дедовци и баби, и бројни верници – сите обединети во љубовта кон словото, историјата и духовноста.

Овие настани имаат далекусежно значење за младите генерации и за татковината. Тие не само што го разбудуваат интересот за сопствените корени, туку ги учат младите да се гордеат со својот јазик, својата историја и културна припадност. Преку ваквите собири, храмот станува место каде верата, културата и воспитно-образовниот процес се спојуваат во едно – во служба на духовен раст и национално достоинство. Впрочем, духовноста, просветата и љубовта кон татковината се темелите врз кои се гради иднината на нашите деца.

Благодарност до сите учесници, организатори и поддржувачи. Особена благодарност до директорката Мартина Пројческа и до сите наставници кои несебично се вложија во остварувањето на овој настан. Храмот Св. Петка верува дека ваквата плодна соработка ќе продолжи во иднина и дека овој пример ќе го следат и останатите училишта. Делото на светите Кирил и Методиј продолжува да живее – во срцата на младите и во душата на народот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.