На 20 Мај, ТППЕ Прилеп со голема гордост го одбележува Денот на македонските пожарникари. Овој ден е посветен на храбрите луѓе кои несебично се борат за спас на човечки животи и имот.
По повод одбележувањето на овој значаен ден, градоначалникот на општина Прилеп ја посети Територијалната противпожарна единица – Прилеп, каде што заедно со пожарникарите разговараа за нивната работа, предизвиците и потребите со кои секојдневно се соочуваат во служба на граѓаните.
Притоа Јовчески објави дека е потпишан договор за набавка на ново противпожарно возило – клучна инвестиција за зголемување на капацитетите за брза и безбедна интервенција. Овој проект е реализиран преку Министерството за локална самоуправа, со вкупна вредност од 8,5 милиони денари, при што Општина Прилеп учествува со значителни 3,5 милиони денари.
“Во моментов е во тек и редовна постапка за набавка на нова заштитна опрема за нашите пожарникари – затоа што нивната безбедност, подготовка и опременост се наша заедничка одговорност и приоритет.
Сакам да изразам благодарност и до учениците од ОУ „Кочо Рацин“, кои со својата подготвена програма му дадоа свечен и достоинствен белег на денешниот настан.
Дозволете ми, во мое лично име и во име на сите граѓани на Општина Прилеп, да изразам огромна благодарност и почит до сите пожарникари – за вашата пожртвуваност, храброст и професионалност. Вашата уработа е симбол на хуманост, всолидарност и заштита.
Како локална самоуправа, и понатаму ќе вложуваме во подобрување на условите за работа на нашата Противпожарна единица – во опрема, возила, обука и повисоки стандарди за сите припадници на оваа благородна служба.
Ви го честитам Денот на пожарникарството со желби за добро здравје, безбедни интервенции и – што е најважно – што помалку работа”, истакна Јовчески.