“На Василица во Прилеп” – Љупчо Трајкоски е среќниот пронаоѓач на паричката (Фото галерија)

Со бурек, греано вино и топол чај, и оваа година ден пред православниот христијански празник Св.Василиј, а во организација на општина Прилеп, се одржа манифестацијата „На Василица во Прилеп“.

Голем број граѓани денеска на пладне се собраа на платото пред Градскиот Саат за заеднички да го одбележат дочекот на Православната Нова година.

Најсреќен помеѓу прилепчани беше Љупчо Трајкоски, кој ја пронајде паричката, а од градоначалникот на општината, доби пригодни подароци.

-Ден пред празникот, сакам да ви ја честитам православната нова година или Стара нова година како што уште и си ја нарекуваме, традиционален празник кој се прославува како почеток на Новата година според јулијанскиот календар. Воедно и празникот Св. Василиј Велики-Василица, кој што традиционално се празнува во Прилеп и сме една од општините во Македонија, каде што на овај празник традиционално вртиме пита или лепче со паричка и според обичаите веруваме дека во текот на годината ќе го следи среќа оној на кој што ќе му се падни паричката.

По тој повод, денеска тука од центарот на Прилеп трета година по ред со настанoт „На Василица во Прилеп“ го одбележуваме празникот и воспоставуваме една традиција, која што сигурен сум дека ќе ја надоградуваме во текот на наредните години со цел да прерасни во уште поголем настан кој што е единствен од ваков тип во Македонија и ќе претставува уште еден препознатлив знак на градот Прилеп.

Сакам да им се заблагодарам на општествено одговорните компании: пекари, винарии и ресторани кои што дадоа свој придонес за реализација на овој настан.

Поделивме парче бурек, топол чај и греано вино за сите присутни а за најсреќниот граѓанин кој што ја најде паричката, подаривме еден скромен и симболичен подарок, со кој што му посакавме здравје, среќа и бериќет него и на неговото семејство.

Сакам да испратам една порака од денешниов настан, да бидиме горди преносители на нашата македонска традиција, на нашите православни празници, и да се трудиме да ги продолжуваме и негуваме нашите обичаи кои што претставуваат корени на нашето постоење и со кои што и тоа како се истакнуваме и ја промовираме нашата македонска култура во светот – напиша Јовчески на ФБ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.