Шест гимназијалци oд прилепската Гимназија “Мирче Ацев”, изработија документарен филм со кој учествуваа на Mеѓународен фестивал за средношколски аматерски филм, a во организација на Академијата на уметности Белград.
Во конкуренција на 70 филмови од повеќе балкански држави, филмот на учениците од Прилеп со наслов „Најскапиот пат – првата жртва на автопатот“, се пласира меѓу петте најдобри на фестивалот.
Според пропозициите, максималната дозволена должина на филмот е 15 минути и истиот во целост мора да е изработен од ученици – аматери. На фестивалот се додели само по една награда за најуспешното остварување, во три категории (игран, анимиран и документарен филм).
Филмот го изработија група ученици од прва година: Евгенија Димитриовска, Софија Димитриеска, Михаил Ѓорѓиески, Сара Атанасоска и Илина Радеска и од втора година Елена Јандреовски, кои се именуваа како „Гим Филм Тим“.
Документарниот филмот обработува актуелна тема поврзана со изградбата на „автопатот“ Прилеп – Битола и незаконската експлоатација на ридот Каракамен. Каракамен (Црн камен) е рид помеѓу селата Алинци и Шелеврци кој во себе крие многу минерали, од кои некои уникатни, полускапоцени, минерали со многу висока радиоактивност и многу реткиот минерал Македонит.
Како соговорници во филмот учествуваат м-р Васја Дамески и проф. Блаже Димески.
Организациската и техничката поддршка во реализацијата на филмот беше на професорите Николче Богданоски и Дејан Стерјовски.