Една недела откако во првото коло гостуваа на „Ноу Камп“, каде што извлекоа 0:0 реми против Барселона благодарение на Столе Димитриевски, Рајо Валјекано повторно ја посетија каталонската престолнина, за гостување кај Еспањол, во кое успеаја да стигнат до 2:0 гостинска победа.
Мечот не започна најдобро за гостите, откако Флоријан Лежон доби втор жолт картон по само 16 минути игра, но рамнотежата набргу беше воспоставена откако и Серхи Гомез од Еспањол доби црвен картон во 30. минута од мечот. Десет минути подоцна Иси Палазон ги донесе Рајо во водство, за победата да биде потврдена во 59. минута преку Пате Сис.
Со победата, Рајо се искачуваат на првото место на табелата, бидејќи се единствен клуб кој има одиграно два меча во новиот шампионат покрај Еспањол.