Древна Македонија ја реставрира во Перт во Австралија нашиот иселеник од Егејска Македонија Тим Тутунџев. На десет хектари, тој изгради милионски комплекс, наречен “Александар Велики”.
Поставил статуа во огромна димензија на Александар Македонски на коњот Букефал и кренал антички столбови за кралската палата. Тутунџев во втората татковина – Австралија – предвидува во проектот да изгради и антички амфитетар и да постави статуа на Филип Втори.
Во дел од комплексот има катче со автентична куќа од Егејска Македонија од 19 век во стара архитектура со семејна црква.
Тим Тутунџев, родум од грчкиот дел на Преспа, бил дете бегалец од времето на граѓанска војна. Првин заминал во Романија, од каде отишол по “леб” во Перт, Австралија. Таму тој прераснува во познат и успешен бизнисмен, кој е и пратеник во градското собрание на општина Перт.
Тутунџев открива како и зошто го градел староантичкиот комлекс во Перт.
– Го градев, зашто ми е спомен за нашиот Велики Александар. Кога ќе доаѓаат гости, им ја кажувам македонската историја. Доаѓаат луѓе од цел свет и ги учам токму за древна Македонија, за македонската империја на Александар Македонски. Во училиштата во Австралија не учат македонска историја. Треба да им ја пренесуваме нашата длабока историја, нашите корени кои датираат уште од пред три века пред Христа. И нашите и Австралијанаците треба да бидат запознати со потеклото на големата заедница од над 500 илјади Македонци на петтиот континент – вели тој.
Почнал со градби од времето на Александар.
-Поставив споменик на Александар на славниот коњ, кренав и антички столбови, на кои се изгради и палатата на императорот. Има и други историски моменти од Древна Македонија, како споменик на битката со Персија, статуа на Филип Втори Македонски и амфитеатар. Направив и фамилијарна црква и изградив куќа како во селото Папли, Преспа, каде сум роден. Не само Македонци, и туку и други симатизери на макеоднската култура и историја љубопитно го разгледуваат комплексот, помагајќи им да ја разберат и да го осознаат македонското милениумско минато Драго ми е кога доаѓаат и наши од Македонија. Сите треба да се грижиме за нашата татковина -објаснува Тутунџев.
Извор: “ЗЕНИТ”