Натпревар кој мораше да се добие, но Победа не успеа: Скопје извлече бод во Прилеп

Фудбалерите на Победа попладнево на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, го одиграа последниот меч на свој терен оваа есенска полусезона како домаќини на составот на Скопје.

Беше ова дуел на двете последнопласирани екипи на табелата и директна пресметка за прволигашки живот. За црвено-белите свежи се уште беа непријатните сеќавања од првиот меч во Скопје, кој несреќно го загубија, иако заслужија да останат непоразени.

Едноставно за победашите на овој меч немаа избор и мораа да победат, но натпреварот заврши со најнепопуларниот резултат 0:0.

Се играше пред малку публика и со големо присуство на полицијата, а црвено-белите не успеаја да го срушат фенерџијата на табелата и да му се одлепат на 5 бода.

Сега ситуацијата на табелата останува непроменета. Скопје е последен со 10 бода, пред Победа и Академија Пандев со по 12.

Во следното коло Победа има тешко гостување кај Брегалница во Штип.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.