Настан кој прераснува во бренд за Битола, 32 екипи од 11 градови ќе учествуваат на годинешниот “Креативeн ден”

Да го подигнеме текстилниот смер на повисоко ниво-велат професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска за Креативниот ден

32 екипи од 11 градови, 9 стручни училишта се дел од годинешниот Креативен ден во Битола. Оваа година ќе се одржи на 28.мај во Битолскиот театар. И овојпат македонски дизајнери ќе дизајнираат заедно со младите од тесктилниот отсек во средните училишта низ Македонија. „Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцент и дизајнер од продукција “Божиловиќ“, на која од првиот настан се приклучија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од текстилната струка на СОУ “Таки Даскало“, Битола.

Кој е предизвикот да се биде дел од овој настан?

„Сакавме да го подигнеме текстилниот смер на повисоко ниво. Текстилот не значи шиење на машина во некој погон, текстилот инспирира, мотивира. Модниот дизајн овозможува самоизразување,истакнување на уметнички и креативен дух. Организирањето на овој настан го промовира нашето работење со учениците, а воедно на градот му дава уште една манифестација на која битолчани можат да уживаат. Покрај тоа што ги реализираме наставните програми зададени од МОН и ЦССО, се залагаме да им пренесеме знаења и вештини на учениците со плетење, везење, ткаење, филцање, вештини кои се повеќе се забораваат и не се практикуваат кај младите генерации. Овие вештини во голема мера ќе им помогнат да бидат уникатни со своите креации кои ги презентираат на вакви модни настани. Покрај традиционалните вештини применуваме и нови методи и техники на пр. како што е 3 Д моделирањето“, истакнаа професорките.

Оваа година темата е Ориент

„Фокусот ни е на креативниот процес од почеток до крај -од истражување на ориенталната култура и модни влијанија, преку скицирање на модели, до изработка и стилизирање. Сите тимови работат на модели кои се инспирирани од ориентот- богатото културно наследство, декоративните елементи , традиционалните ткаени и колоритни мотиви од истокот. Покрај организацијата на модната ревија ќе има и средби и разговори околу дизајнирањето на облека со познати дизајнери од Македонија. Целта ни е не само да прикажеме облека , туку и целосно визуелно и културно искуство инспирирано од ориентот“.

Колку овој настан помогна и ги мотивира учениците во нивното образование?

„Овој ни е 4-ти настан по ред. Секоја година се забележува поголема мотивираност кај учениците. Исто им овозможува практично да ги применат знаењата што ги стекнуваат на час но и да ја изразат својата креативност, индивидуалност и тимска работа. Учениците добиваат чувство дека навистина можат да успеат во светот на модата“.

Што значи поврзаноста на теоретската настава со практичната и настани како овој?

„Поврзаноста на теоретската настава со практичната е клучна за вистинско разбирање и развој на вештини кај учениците. Настани како модната ревија ја претставуваат крајната цел на таа поврзаност- се што се учи во училницата, како што се дизајн, текстилни материјали, кроење, изработка и мода низ историјата се претвара во конкретен производ и перформанс. На тој начин учениците учат низ искуство, го гледаат резултатот од својот труд и добиваат самодоверба, сатисфакција и визија за својата иднина“.

Секоја година настанот станува се помасовен

„Оваа година, ќе бидеме домаќини на 32 тимови од 11 градови, 9 стручни училишта. Секој тим се состои од: талентиран ученик од стручно модно училиште, дизајнер-ментор, кој ги води низ креативните и техничките аспекти на процесот и успешна жена – Дама – која, претставувајќи ја финалната креација на модната писта, ја покажува својата општествено, социјална одговорност,јавно им го признава стекнатото знаење и вештини на младата генерација дизајнери и креативци“.

Како дизајнери ментори оваа година ќе учествуваат: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ,Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ,Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Студио;
Училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола.

ВИП гости: Никола Ефтимовски, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, Ивана Ангова, претставници од Текстилен Кластер.

Поврзаноста со бизнис секторот е во насоката на тоа што моделите ги носат успешни деловни жени од Битола, а собраните средства одат за подобрување на практичната настава. КРЕАТИВНИОТ ДЕН еволуира во нешто многу поголемо, тоа веќе не е само еднодневен настан, туку растечка заедница на иноватори, едукатори и претприемачи кои веруваат во моќта на модата како професионален пат и алатка за промени, се трансформира во вистинска Модна Зона.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.