Oна што во неколку наврати го кажуваа од синдикалната организација и вработените во некогашниот прилепски гигант “Еуркомпозит”, го потврдуваат и фотографиите кои ги добивме.
Фабриката се раскрадува од провалници и сето тоа пред очите на државата и полицијата кои се надлежни да го зачуваат државниот имот.
Дворот на фабриката е целосно обраснат со трева, а од фабриката секојдневно снемува скапи делови…
Една жална слика од некогашниот гигант кој прехрануваше стотици семејства во Прилеп.
Вработените веќе не паметат од кога не зеле плата, а да не правиме муабет за придонеси, или други бенифиции од работниот ангажман во фабриката.
Јавноста памети дека актуелната власт ветуваше решавање на статусот на овој загубар, дури пред 2 години тогашниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со сегашниот кандидат за градоначалник, Горан Сугарески, најавија две можни решенија, па дури и влегување на странски инвеститор.
Се чини дека од тоа нема ништо, а во ваква состојба на фабриката тешко дека некој воопшто повторно би се интересирал, ако и постоел некој интерес некогаш.