НАМЕСТО ДА ГО УКИНЕ ЕКСТЕРНОТО, ВЛАДАТА САМО ЌЕ ГО ПРОМЕНИ ИМЕТО: Основците ќе бидат првите кои ќе полагаат национално тестирање

Работна група во Министерството за образование и наука (МОН) периодов на големо работи на подготовка на нов вид тестирање кое треба да го замени екстерното. Основците ќе бидат дел од ново, т.н. национално тестирање, открива заменик-министерот за образование Петар Атанасов.

Според него, се планира учениците да бидат тестирани двапати во текот на основното образование. Едното тестирање треба да се спроведе во четврто одделение, а другото во деветто одделение.

– Ова е модел кој веќе се применува во Словенија. По ова прашање веќе правиме конкретни чекори. Разговарав со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) и за проекциите во однос на проверката на објективноста на оценувањето на наставниците. Ќе има национално тестирање и евалуација. Користиме странски искуства. Голем тим од МОН ја посети Словенија и сериозно се посвети на ова. Национално тестирање ќе има барем во две училишни години, по примерот на Словенците. Таму се спроведуваат вакви тестирања во две училишни години од основното образование. Тестирањето целосно ќе го спроведе ДИЦ, а веќе има и комисија, која има работна програма. Прашањата на кои ќе одговараат децата ќе бидат од изучениот материјал – објаснува Атанасов.

Извор: “Инфомакс”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.