Над 300 спортисти доаѓаат во Прилеп – Ќе се одржи 15. Меѓународен турнир во џудо “Прилеп град херој – 2025 Цевитана Куп”

На 04.10.2025 година во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески – Ричко” во Прилеп, ќе се одржи 15. Меѓународен традиционален турнир во џудо “Прилеп град херој – 2025 ЦЕВИТАНА КУП”.

Турнирот е во организација на Џудо клубот Сеишин oд Прилеп, со поддршка на Џудо федерацијата на Македонија. Истиот е за возрасните категории: деца, помлади пионери и пионери во машка и женска конкуренција, кои ќе се натпреваруваат во околу 40 тежински категории.

Согласно досега пријавените клубови се очекуваат натпреварувачи од околу 8 држави и тоа: Грција, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Турција и Англија и домашните клубови од Македонија.

Но, пријавувањето е во тек, и според најавите и оваа година во Прилеп ќе пристигнат над 300 натпреварувачи, која бројка ќе се знае веќе на 02.10.2025, кога е краен рок за пријави.

И оваа година повторно има клубови од нови две држави, кои за прв пат доаѓаат во Прилеп, а тоа се: Англија и Турција, со што турнирот го зголемува бројот на земји учеснички.

Традиционално на еден ден пред почетокот на турнирот, т.е. на 03.10.2025, клубот ќе ја одржи редовната прес конференцијата за јавноста и медиумите, со цел да се соопштат сите детали за настанот, а ќе се претстават дел од гостите, помагателите и спонзорите за овој настан.

Се покануваат сите љубители на боречките вештини да земат присуство и да ги проследат борбите во сабота 04.10.2025 со почеток во 10.00 часот.

Влезот е слободен.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.