Ѓурѓина Ристеска e млада девојка од Прилеп, која иднината ја гледа во развојот на туризмот на својот град, и себе си се гледа како човек кој ќе работи за напредок на сопствената држава. Таа смета дека во Македонија има потенцијал за работа и напредување, и сака својата иднина да ја гради овде, а не некаде во странство.
Оваа млада девојка верува дека преку образованието се отвараат железни порти, па токму затоа постојано се вложува, учи, истражува и дознава нови нешта. А дека верува во образовниот процес говори и тоа дека Ѓурѓина беше првенец на генерација, како ученик во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”, а потоа и првенец на генерација на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид при Универзитетот “Св. Климент Охридски”. Koн своето високо образование Ристеска во април годинава успешно го одбрани и магистерскиот труд на тема: “Потенцијалот за развој на туризам во областа Мариово”, една од најголемите области во Македонија, која нуди огромен потенцијал за развој на секаков вид туризам.
Проблематиката Ристеска ја елаборира во еден опсежен труд кој располага со голем број истражувања и примери како овој регион на Македонија, кој го делат општините Прилеп, Битола и Кавадарци, може да донесе голем бенефит за нашето стопанство. Бидејќи тешко би успеале овде да го пренесеме целото истражување, предлагаме надлежните да ја консултираат оваа млада девојка и народски кажано “да купат” тоа што е паметно, а бенефитот од иден развој на Мариовскиот регион да го почувствуваме сите.
Еве што накратко вели во својот труд Ристеска:
Туризмот има одлична склоност кон откривање непознати и автентични места пред очите на туристот, кои, врз основа на начинот на кои се презентирани, можат да останат засекогаш врежани во неговото сеќавање и неговите импресии, кои пак понатаму ќе бидат пренесени врз другите, и така целиот циклус се повторува. Коронавирусот беше значителен фактор кој придонесе кон круцијални промени во туристичките текови и насоченоста на просечниот турист кон туристичките дестинации. Ограниченоста на туристичките активности само во рамките на домашниот туризам доведоа многу индивидуи до конечна одлука потемелно да ја истражат земјата во која што живеат, но и да се насочат повеќе кон природата и неоткриените места, обидувајќи се да се дистанцираат од изворот на заразата.
Со сѐ поизразената гравитација на индивидуите кон места кои дотогаш не ги посетиле, дојде до израз разновидноста на потенцијалите за туризам, кои се многу, но за жал, делумно се искористени и оспособени за да бидат вклучени во туристичката понуда на Македонија, со која државата истапува примарно кон странски туристи. Македонија изобилува со недопрени места кои, и покрај нивната исклучителна привлечност, мистериозност и посебност, не се предмет на ниедна официјална туристичка понуда и остануваат само на ниво на нереализирани проекти и заборавени ветувања. Мариово, како избран репрезентативен пример на таквите места, овие две години, исклучително ги побуди интересите на домашните туристи како простор кој изобилува со голем број на атрактивности за сите возрасни групи, атрактивности кои за жал не можат да дојдат до израз поради големиот број на ограничувачки фактори кои оневозможуваат активен туризам во областа.
Интересот за Мариово постоеше и пред трендовите во туризмот наметнати од ситуацијата со коронавирусот, но не беше доволен за туристичките и нетуристичките тела да направат нешто и таквиот интерес да го претворат во организирани туристички движења, зголемен број на туристички доаѓања, а со тоа и значително зголемени приходи од туризмот во Македонија и придонес сè разбира, кон развојот на самата област. Важноста на оваа област е повеќе од очигледна, со изобилството на природни и антропогени вредности кои се повеќе од доволни за да ѝ овозможат туристички опстанок и се разбира долготрајни бенефити од истите за економијата на оваа држава, кои за жал не се во целост истражувани и искористени од телата кои се занимаваат со планирањето на туризмот во Македонија. Она што исто така го ограничува поинтензивниот развој на Мариово е и несоодветната сообраќајна инфраструктура и сигнализација што, логично, резултира со изземање на областа од базичните стратегии за туризам на државата и го ограничува само на домашни туристи кои слушнале за него од нетуристички извори и познаници, индивидуи кои поседуваат теренско возило (важи за повеќето од местата во Мариово, иако до некои се стигнува и со обично возило) или се навлезени во велосипедизмот.
Ваквите поразителни факти значително го намалуваат бројот на потенцијални туристи, како и на потенцијални инвеститори чиишто најмали активности би можеле да доведат до големи промени. Постоеле инвеститорски обиди во далечното минато, кои за жал не успеале да прераснат во ништо поголемо бидејќи скоро ниеден инвестициски процес не продолжил до крај со остварувањето на своите цели. Тоа исто така е и главен причинител за извршувањето на истражувањето: на Мариово му се неопходни повеќе екстензивни истражувања со кои ќе се разбуди интересот на туристичките експерти, на властите, но и на потенцијалните инвеститори за да се овозможи негов спас од изумирање, но и повеќе од потребната валоризација на изобилството од туристички вредности кои ги поседува, за потоа од добрата организација и грижа за областа да се добијат голем број на бенефити кои дополнително ќе ја зајакнат државата, особено економски и ќе изградат една побогата слика за неа во очите на туристите.
Мариово претставува област која се протега на крајниот јужен дел од Македонија и се состои од три дела, Прилепски, Битолски и Тиквешки. Во себе вбројува околу 30тина села, повеќето од кои се оставени на забот на времето, напуштени и руинирани со важни аспекти од културното наследство изложени на секакви временски услови без соодветна грижа и заштита. Историски гледано, Мариово поседувало поголем број на села кои со доаѓањето на Османлиите биле избришани од географската карта и до ден и денес не постојат. Во многу литературни дела, а особено во делата на македонскиот автор Стале Попов, кој потекнувал од таму и чија што куќа денес се смета за културно наследство, како и во приказните за Итар Пејо, Мариово често било претставено како место каде што царувала слободата, јунаштвото, бунтовништвото и каде што селаните живееле безгрижно и среќно, па дури и до одреден дел од османлиското владеење. Таквите одлики ги добило од својата планинска и котлинска конституција, која ги изолирала жителите на оваа област од случувањата во градовите и околината. Според тоа, очигледно е дека Мариово изобилува освен со природни вредности, и со важни историски случувања, богата култура, традиција, обичаи, гастрономија и литературни аспекти поврзани со него, правејќи го одличен “кандидат” за туристички потенцијал во земјата. Поради различните одлики кои ги има и кои можат да послужат како одделни туристички мотиви, тој би бил лулка за различни алтернативни видови на туризам, чиишто зачетоци можат да се видат и сега. Имено, Мариово може да се искористи и повремено се искористува во агендите на развој на рурален туризам во државата, бидејќи ги исполнува сите предиспозиции за тоа.
Многупати се нарекува и “најраселена област” во државата; таквиот епитет го добила со право, бидејќи повеќето од постоечките села немаат жители, освен помала група на, најчесто, постари луѓе кои од различни причини не можат да заминат. Иако таквата, за жал, осаменост во која се наоѓа областа е главен фактор кој придонесува кон интензивирање на мирот, мистериозноста и автентичноста на просторот, сепак оваа изолираност само го ограничува соодветниот развој кој го заслужува и кој е неопходен за опстанокот на Мариово. Поголем број од домашни туристи, особено од поблиските градови, на кои им е познат теренот, биле и се засега единствените туристи кои што ја посетуваат оваа област, а најразвиен е рекреативниот туризам од гледна точка што областа е прилично популарна дестинација за велосипедизам на многу професионалци и аматери, но и овозможува одличен терен за пешачење и други рекреативни активности особено во доцниот пролетен, летен и раниот есенски период. Може да се каже дека постојат и некои мали почетоци и на религиозен туризам поради големиот број на цркви и манастири кои се наоѓаат таму. Тоа значи дека и покрај далеку од доволните услови за доаѓање до областа и отсуството на основните аспекти што еден атрактивно-рецептивен простор треба да ги има за да може да ги задржи своите туристи, постојат заинтересирани индивидуи кои сакаат да го поминат своето време во Мариово и таквиот факт треба да биде причина за подлабоко навлегување во проблемот и негово евентуално и конечно решавање.
Засега, бројот на ограничувачки фактори кои ја оневозможуваат адаптацијата на Мариово за правилна релизација на туристичките процеси во Мариово се поголеми од предностите, а како основни може да се споменат: инфраструктурните проблеми, раселеноста, недоволната усогласеност на општините помеѓу кои е поделена областа, слабата заинтересираност на државата за истата, негрижа за природното и културното наследство, ниската туристичка свест итн. За Мариово да може во иднина да се трансформира во една независна туристичка дестинација првично мора да се зголеми свеста на надлежните за големата историска, туристичка, економска важност која ја поседува, за потоа да се продолжи со постепено намалување на негативните влијанија на ограничувачките фактори кои претходно беа споменати. Нереално би било доколку се очекува целосна ревитализација на областа за кратко време. Развојот треба да биде етапен и одржлив за да се зачува нејзината автентичност, како и да ги вклучува веќе активните аспекти, особено на туризмот кои и денес ја формираат примитивната туристичка понуда на оваа област.
Битолскиот дел на Мариово претставува вистински шампион во развојот на туризам во Мариово- малиот број на индивидуалци кои нудат туристичи услуги како здружението за запознавање и патување OFF Road- Bitola кое нуди тури низ битолскиот дел на Мариово, етно ресторанот “Кај Мостот” и Апартманите Зовиќ во селото Зовиќ, здружението Moutain Solution кое исто така нуди тури низ битолскиот дел на Мариово и сл. самостојно се грижат за промоцијата на овој дел на областа и за привлекувањето на нови туристи. Тука не треба да се заборави и фактот што дури и е изработен дигитален водич со целосно испланиран итинерер за самоводечка тура низ поважните знаменитости на битолскиот дел на Мариово. Во споредба со ова, прилепскиот и тиквешкиот дел заостануваат во целост, што и одлично ја илустрира ограниченоста на постоечката туристичка понуда како и ограниченоста на предностите од нејзино одвивање, кои што би требало да се пренесат низ целата област, како и низ целата држава, но не успеваат. За ваквите поразителни факти да се променат, но и за да се овозможи постепена ревитализација на Мариово, потребно би било да се извршат следните активности:
• Правилни инфраструктурни решенија;
• Справување со раселеноста;
• Просторно-планерски активности за соодветно распределување и намена на земјиштето;
• Подобра усогласеност и соработка помеѓу заинтересираните страни;
• Развој на соодветни алтернативни видови на туризам;
• Отворање на поголем број на туристичко-угостителски објекти;
• Континуирано управување и развој.
При испитување на мислењето на популацијата на Република Македонија преку соодветни анкети и интервјуа за потребите на истражувањето, избраниот примерок (кој беше составен од испитаници на различни возрасти, со различен пол и припадност, меѓу кои се наоѓаа и повеќе јавни личности во Македонија) едногласно се согласи дека областа поседува голем, но неискористен потенцијал за развој на туризам, како и дека исто така поседува соодветен природно-атрактивен и културно-атрактивен туристички потенцијал. Како главни алтернативни видови на туризам кои според испитаниците би биле најуспешни во областа се: рекреативен, рурален, културен, верски, ловен и риболовен туризам. Испитаниците одлично беа запознати со предностите и негативностите на областа, значителен дел од нив дури и повеќепати ја посетиле и се задржале таму подолго време, извршувајќи голем број на интересни активности што уште повеќе го зацементира фактот дека постои интерес за истата и доколку се продолжи со нејзино развивање, особено од гледна точка на туризмот, би се добиле значителни предности. Општ став е дека, за искористување на овие потенцијали мора да се почне со коренити промени и намалување на негативното влијание на ограничувачки фактори кои претходно беа споменати.