Легендарниот играч на „Црвените“ никогаш не го крена пехарот од англиското првенство, па сега навивачите на клубот бараат тој да биде на кратко вратен токму заради тој пехар.
Има уште цели 13 кола до крајот од сезоната во Премиер лигата, но јасно е дека Ливерпул конечно ќе стане шампион. Предноста од дури 22 бода пред второпласираниот Манчестер Сити им дава комоција на „Црвените“, а и навивачите веќе почнаа да слават.
Најново од градот на Битлси е дека навивачите покренаа инцијатива во клубот да биде вратен како играч пензионираниот Стивен Џерард, жива легенда на клубот од „Енфилд“. Џерард играше 17 сезони за Ливерпул во Премиер лигата, ја освои Лигата на шампиони, Фа Купот, Лига Купот, Суперкупот, УЕФА Купот, УЕФА Суперкупот, но никогаш не успеа да ја освои Премиер лигата.
Токму затоа навивачите бараат Стиви Џи на кратко да се реактивира и да го одигра потребниот минимум од 5 натпревари за да се вброи во освојувачите оваа сезона. Во Премиер лигата постои правило кое вели дека од шампионскиот тим медали добиваат само играчите кои одиграле барем 5 натпревари.
Иако навивачите го запалија Twitter, веројатноста да се случи вакво нешто е скоро никаква. Џерард можеби некогаш ќе ја освои Премиер лигата со Ливерпул, но само како тренер.
Инаку, Ливерпул чека на оваа титула од сезоната 1989/90 кога првенството не се ни викаше Премиер лига, туку Прва дивизија.