Момироски: Цакио е налутен, а еве кога ќе има и кривични за СДСМ Прилеп

Во најновата колумна на порталот на “РАДИО ПЕЛА”, новинарот Зоран Момироски по обичај се освртна на дневно-политичките случувања во Прилеп, а посебен акцент секако стави на релациите помеѓу двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

“Читам на еден познат прилепски портал повеќе на шега отколку сериозно најавуваат дека кривичните пријави на ОК на ВМРО-ДПМНЕ по ревизорскиот извештај ги закочиле новогодишните забава. Нели пред Нова година треба да сме расположени, а не уплашени. Јас мислам дека истото важи и во СДСМ. Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Прилеп одлично функционира. Што би рекол и подобро од очекувањата. Па ако се надоврзам на оваа шега која многу говори за вкупните состојби по ова прашања, тогаш сигурно дека првата кривична пријава овие од ВМРО-ДПМНЕ за мовчето “Сточен пазар” ќе ја поднесат веднаш во првиот работен ден по Нова година. Втората за демолираниот и обезличен објект за подрачното училиште во населбата “Сточен пазар” најверојатно ќе биде поднесена пред Коледе. Третата за која ВМРО-ДПМНЕ урликаше за прескапата вертикална сигнализација за прескапите знаци ќе биде поднесена после “Стара Нова година”, а за четвртата, за новата детска градинка во “Точила”, време нема да има. Прво, бидејќи сите празници ќе се поминати, второ бидејќи влегуваме во сериозна предизборна кампања”, пишува Момироски.

Новинарот потоа му посвети и збор-два на претседателот на ОО СДСМ Прилеп и од скоро Генерален директор на Тутунскиот Комбинат, Зоран Пачешкоски, кој наводно се лутел на критиките кои ги добива во колумните.

“Да не испаднам некоректен спрема генералот над генералите – Цакиот, бидејќи плачи како бебе и рони бучински солзи, како од бучински кромид дека во скоро секоја колумна неосновано го коментирам, сакам да го потсетам и лично му се обратам: Цаки, кога ти беше раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделие, а јас уредник во информативната редакција на “Канал 5″, секој твој јавен настап го следев и го објавував во вестите на оваа национална телевизија. Така централата на СДСМ слушна за тебе. Јас работам професионално и така ќе продолжам. Ако имаш забелешки тоа е твој проблем и не можам да ти помогнам”, напиша меѓудругото Момироски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.