Ангел Митев нема да патува на Европското карате првенство за кадети, јуниори и јуниори -21 година во Алборг, Данска, оваа недела, на кое Македонија ќе настапи со најдобрите поединци од нашата држава – пишува специјализираниот портал за боречки спортови “Ипон.мк”.
„Карате клубот Кеикс во составот на нашата репрензетација има троица кандидати кој се стекнаа со право да учествуваат на ова Европско првенство: Вероника Костовска, Мевлуд Мемеди и Ангел Митев. Митев е Државен првак и репрензетативец кој на овој натпревар нема да патува, поради финансиските трошоци за ова првенство (околу 1000 евра по репрензетативец за да ги брани боите на Македонија) кој се на товар на клубовите или родителите“, соопшти тренерот на Кеикс Елвир Куртановиќ и додава:
„Во јавноста, на ФБ, на Инстаграм, многу често ќе видите ресторански дружби на каратистите кои оставаат впечаток дека во оваа Федерација секој ден нешто се прославува, но реалната слика е сосема друга, а тоа е дека едни слават други плачат дома затоа што 10-годишниот труд вложен во овој спорт е залуден, кога на крајот не можеш да се натпреваруваш, иако си заслужил да бидеш член на националниот тим. Се поставува прашањето дали и кој на овие спортисти треба да и обезбеди средства да спортуваат и се натпреваруваат? Зошто секогаш официјалната делегација на КФМ патуваа во комплетен состав, а репрензетативците не? Како вели еден мој карате колега „да, но репрензетативците не гласаат, ако би имале право на глас, ќе беше друга состојба“. Фрапантни се финансиските податоци за начинот на кои се прикажуваат во јавноста. За оваа тема веќе имам договорено во една наша позната телевизија каде попрецизно и конкретно ќе изнесам околу лошото финансиско менеџирање и штетите од една ваква политика , за која одговорните треба да се подзамислат и ако не знаеле да ги променат овие недостатоци“.
Куртановиќ истакнува дека неговиот револт како тренер е голем, затоа што Ангел Митев освојувајки неколку меѓународни турнири покажал дека има потенцијал во иднина да освојува врвни спортски резултати на најголемите спортски настани.
„Но, секако тереба да е таму а не дома, од каде со своите родители, кои потрошија многу пари во негово спортско усовршување, ќе го следат ова Европско првенство .
Нема да спијам мирно додека трудот на нашите децата вака се обезвреднува. Спортот е национална гордост и обврска на сите нас кои на каков било начин сме ангажирани во спортот, и таа обврска треба да ја завршиме или да му ја препуштиме на некој кој ќе овозможи услови за спортување и натпреварување“, порачува Куртановиќ.
Извор: “Ипон.мк”