Мицкоски: Влада со ДУИ е непосакувано сценарио, ќе си одговараат

Можам да ја кажам мојата политичка проценка дека во овој момент за ВМРО-ДПМНЕ влада со ДУИ не е посакувано сценарио. ВМРО-ДПМНЕ најмалку го посакува тоа сценарио да има влада со ДУИ и со ова нивно раководство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, потенцирајќи дека за криминалните афери ќе има одговорност.

– Ќе се работи со отчетност и не смее да има во влада министри кои не одговараат пред премиерот, туку пред партискиот лидер. Се знае кој е мандатар и кој е премиер. Кажувам дека такви луѓе ако јас бидам мандатар нема да бидат дел од мојот кабинет, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека кој ќе биде партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во влада ќе одлучат две работи, првата е граѓаните на избори, втората е програмата за која ќе се сложат да се работи во иднина.

– Во политиката не треба да сме во сон туку со отворени очи, кој ќе биде партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во влада ќе знаеме следниот ден откако ќе завршат изборите, а дотогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде со народот и не само со македонскиот, туку и со албанскиот, турскиот, српскиот, Ромите, Бошњаците, сите, нагласи Мицкоски.

Во однос на одговорноста, тој посочи дека не може да се премолчи криминалите како за надзорот со коридорите 8 и 10д каде во тендерот се менувани условите додека траел истиот и дека потребна е одговорност.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.