ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Прилеп ги промовираше политиките од новата политичка платформа “Македонија за сите луѓе”. Исто така официјално беше промовиран и кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, Д-р Борче Јовчески.
Пред граѓаните се обрати и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој ја критикуваше работата на претходниот министер за транспорт и врски за незавршената работа околу изградбата на патотот Прилеп-Градско.
“Четири години беше министер, камен на камен не постави. Па потоа отиде малку во царина, па малку координатор, малку пратеник, па сега сакал да биде малку градоначалник, но прилепчани јасно вечерва кажуваат кој сакаат да биде иден градоначалник, Д-р Борче Јовчески”, рече Мицкоски.
“Денеска во Прилеп имаме поранешен началник во полиција, кој што до вчера беше одличен лакеј на власта на Заев, фатен во трговија со недозволени опојни дроги, а добив информација, не знам дали е точна, дека на 30-тина метри од овде се продава таква дрога, се трујат млади деца. И тоа е се’ со знаење на власта, затоа што тие се тие кои тоа го продаваат. Но, јас ви ветувам дека првата работа која што ќе ја направиме во новата Влада со идниот градоначалник, е најпрвин тие луѓе да ја добијат заслужената казна, а потоа ќе провериме како се стекнува без ниту еден ден работен стаж, 400.000 евра возен парк. Да провериме, како пријателите на овие претенденти за градоначалничка функција стекнале возен парк во вредност од 400.000 евра, без ниту еден ден стаж”, истакна Мицкоски.