Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето денешно гостување во вестите на телевизија Алфа истакна дека доколку референдумското прашање не добие поддршка од граѓаните, Зоран Заев и неговата влада ќе бидат целосно делегитимирани. Мицкоски го нарече референдумот скапо платена статистичка операција која доколку не успее според законот и според демократските критериуми, Зоран Заев ќе биде делегитимиран премиер на Македонија по што како што вели Мицкоски ќе следуваат некои други политички процеси.
– Математиката е егзактна наука, велат за двотретинско мнозинство се потребни околу 80-тина пратеника, односно точно 80 да не карикирам со бројката. Јас колку што знам парламентарното мнозинство нема толкава бројка. Претпоставувам дека господинот Зоран Заев, премиерот Зоран Заев има некои други поинакви калкулации можеби ќе треба тој понатаму да даде одговор на тоа. Но едно нешто треба да ни стане јасно дека политичарите доколку не успеат да извојуваат победа тогаш тие се делегитимирани од страна на народот и го губат легитимитетот кај народот. И логично е после една ваква да ја наречам статистичка операција, скапо платена статистичка операција, доколку не успее да ја спроведе во целост и доколку истата не биде успешно спроведена зборувам и по закон и по демократски критериуми што подразбира успешен референдум, тогаш тој навистина ќе претставува делигитимиран премиер на оваа држава и нормално понатаму следат некои други поинакви политички процеси во Република Македонија, заклучи Мицкоски.
Според лидерот на опозицијата добро се познати критериумите на успешен референдум, а ниту владата на СДСМ не верува во успешноста на истиот и токму поради ова референдумот е консултативен.
– Точно се знаат условите за да некој референдум биде оквалификуван како успешен. Они очигледно не веруваат во сето тоа и затоа одлучија да биде консултативен, понатаму таа скепса и недоверба самите ја комуницираат неформално. Еве добиваме такви информации кои што пристигнаа кај нас од посетата на министерот за надворешни работи во Вашингтон иако послем тоа тој се обиде онака бледо во свој стил да ја демантира, но мислам дека каде што има дим има и оган така што кога човек самиот не верува дека е нешто добро, кога човек самиот не верува дека нешто ќе успее да го направи тогаш тоа е осудено на пропаст уште пред да почне да се спроведува било каква операција. Мене ми изгледаат овие луѓе од владата на СДСМ, пред се мислам на тие два тројца кој што осамени останаа да го бранат она што и го приредија на Македонија и на македонскиот народ дека и самите тие не веруваат дека македонскиот народ позитивно , односно мнозинството од македонскиот народ позитивно ќе се изрази и граѓаните на Република Македонија, вели Мицкоски.