Универзалната спортска сала во Прилеп за релативно кратко време ќе добие нов подолгорочен концесионер, со што оваа убавица повторно ќе блесне во познатиот сјај. Преговорите со Компанијата „Комфи Ангел“ веќе се во тек, а првичните проценки се дека реконструктивната инвестиција ќе чини околу половина милион евра, откри денеска во Прилеп, министерот за спорт Борко Ристовски – објави “АЛФА ТВ”.
„За да прескокнеме некои административни чекори за јас ја побарам Спортската сала која што е сега под ПУИГ да дојде кај мене, па повторно да ја давам на користење на Компанијата која што е заинтересирана – „Комфи Ангел“…ние направивме едно решение со кои ги скративме постапките. А тоа е – обавив разговор со директорот на ПУИГ на кого му се кажани насоките од Министерството и од Владата што треба да направи и ги споивме. Мислам дека тие веќе имаа два состаноци на кои што сега веќе меѓу нив ги договараат работите. А тоа е, Компанијата „Комфи Ангел“, заради користење на подолг период, да ја исреконстриура целата спортска сала и да им ја даде на користење“, изјави Борко Ристовски, министер за спорт.
Напоредно со овие активности, интензивно се работи и на средувањето на состојбите со Спортската сала „Македонија“, која со години освен што зјае празна, таа е и мета на немилосрдниот удар на времето, но и на вандалите.
„Оној момент кога ќе обезбедиме буџет, а мислам дека до крајот на годината ќе обезбедиме буџет, ќе го раскинеме договорот, ќе ја реконструираме и повторно ќе биде вратена на општина Прилеп на користење“, истакна министерот Ристовски.
Според Ристовски, Министерството и Влада работат и на трет голем спортски објект во Прилеп, а тоа е Спортскиот комплекс „Маркови Кули“ за кого на доскорешниот концесионер веќе од поодамна му бил истечен договорот. Па сега, Министерството ќе го земе под свое стопанисување и ќе бара начин преку јавно-приватно партнерство да го даде на инвеститор.
Инаку, денеска министерот Ристовски присусутвуваше на пуштањето во употреба на реконструираното спортско игралиште во прилепската Гимназија „Мирче Ацев“, а финансирано со 3 милиони денари од Министерството за спорт.
KAРОЛИНА ДУРЛО ЗА “АЛФА ТВ”