Министерот Перински одржа средба од градоначалниците од Пелагонискиот регион – еве за кои проекти се разговарало

Во серијата состаноци со градоначалниците, денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински имаше работен состанок со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион.

-До крајот на месецот ќе остварам средби со сите градоначалници, директните разговори се најдобриот начин да се запознаам со состојбите во општините, со проектите што се реализираат но и со отворените прашања на чие што решавање интензивно ќе работиме заедно, рече министерот Перински.

Министерот Перински истакна дека општините и планскиот регион треба да ја интензивираат работата за поефикасно финализирање на започнатите проекти и брзо да ја комплетираат проектната документација за нови проекти кои што ќе бидат финансирани од Владата во наредниот период. Средства ќе бидат обезбедени, потребни се добри проекти и подготвеност од страна на општините за нивна ефикасна и квалитетна реализација, рече Перински.

-Министерството за локална самоуправа ќе обезбеди поддршка во текот на целиот процес, но исто така ќе врши и комплетен надзор над изведбата и на трошењето на наменските средства, рече министерот Перински.

На состанокот беше истакнато дека соработката меѓу двете нивоа на власт ќе биде интензивирана заради решавање на сите отворени прашања за подобро функционирање на општините.

-Услугите за граѓаните се на прво место и секој предлог или забелешка од локалните власти, но од сега и од граѓаните кои ќе можат директно да комуницираат со Министерството, ќе бидат сериозно разгледувани и во соработка со другите надлежни министерства ќе ги решаваме на најефикасен можен начин, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински на состанокот со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион.

Градоначалниците од овој регион истакнаа дека се подготвуваат со проекти да конкурираат за поддршка. Од инфраструктурните проекти беа посочени изградба на нова улица и мост во Прилеп, пат во село Јакреново во Крушево, доизградба на доводен цевковод за водоснабдување во општина Могила, изградба и реконструкција на канализациона мрежа од 6км, и водоводна мрежа од 10км во Битола и други.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.