“Министерот Димитров проколнат од татка си: “Раката да му се исуши ….?!”

Зашто, таа не е негова, ниту, пак, помислил, а уште помалку да ја изустил. Ова е чисто таткова клетва. Според книгата на проф. Марко Китевски, “На клетва лек нема”, објавена во 90-тите години на сега веќе минатиот век, клетвите стигаат до девето колено, а татковата, заедно со кумовата, се сметаат за најтешките.

Зошто? Затоа што таткото обично не проколнува, ама ако некогаш го стори тоа, за клетвата има длабока причина и ја кажува од срце. Тежината на кумовата клетва, пак, произлегува од фактот дека кумот се смета за врска меѓу човекот и Бога и како таков учествува при крштевање, венчавање и на сите поважни моменти во животот на кумашинчето.

И, сега што мислите, чија е споменатата клетва? Нема да ве оставам во дилеми и веднаш ќе кажам – на проф. Димитар Димитров, татко на актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров.

Содржана е во колумната “Уште еден акт на велепредавство”, што е дел од книгата на проф. Димитров насловена како “Името и умот”, објавена во 1999 година од издавачката куќа “Наше дело”. За да нема нејаснотии, (до)објаснувања, изговори за контекстот итн. колумната ќе ја пренесеме во целост:

„На дело е уште еден удар по македонското национално битие во негативна традиција на Берлинскиот конгрес (1878), на Букурешкиот договор (1913) и на комунистичкиот удар против АСНОМ-ската држава (четириесеттите). “Спорот” со Грција, од почетокот е во функција на таа традиција; во него Јенсен ја препозна стратегијата на геноцидот врз македонскиот народ, а Џонатан Ејал виде камуфлажа за “вистинскиот проблем” на Македонија, што го претставува самото македонско раководство – делегитимираната “комунистичка клика”. Во конвергенција со автономниот стратешки интерес на македонскиот народ беа гестовите на Бадентер, на Желев и на други државници кои го поддржаа неговото легитимно право на своја држава – Република Македонија.

Судот на најмеродавното тело на Европската заедница (Бадентеровата комисија) беше недвосмислен: името на државата (Република Македонија) не подразбира територијални претензии, односно закана по идентитетот на друга држава. Од каде, тогаш, таа толкава сила на грчката “инерпретација”, која, практично услови, пред повеќе од две години, промена на името во БЈРМ, измена на Уставот, а сега условува нови измени на Уставот и одземање на знамето?

Зад тоа гледам, надвор, робување на хипотеката од споменатата негативна традиција од страна на европските, на светските институции и на најсилната држава; а, дома – континуитет на недемократската, ненародна власт која практикува велепредавство.

Народната волја кристално се изрази на митингот против Лисабонската декларација, во Манифестот за одбрана на името, во изјавите на многубројни асоцијации: на Сојузот на студентите, на Светскиот македонски конгрес, на Хелсиншкиот парламент, на Синодот, на “Достоинство”, на опозиционите политички партии итн. Таа народна волја инспирира и една широка граѓанска асоцијација за одбрана на името, на државата, на нацијата: на Националната конвенција.

Власта во неа виде свој противник и одби да ја регистрира. Така, суштински македонскиот народ и натаму е предмет на манипулации, без свое автономно и демократско (ре)презентирање. Аранжманот на сегашниот чин, надвор и дома, е понижувачки, срамен и апсурден.

Се користи војната во Босна и во Хрватска за притисок врз нас, а ние со Словенците сме надвор од војната! Словенија се остава на мир, и така треба да биде, зашто таа е Република Словенија, а нас не (мал)третираат како југословенски проблем, зашто ние сме Бивша Југословенска Република Македонија.

Претседателот на републиката, два месеца перманентно присутен на Охридско лето, на Струшките вечери и на Охридскиот маратон, кукавички се крие; валканата работа му ја врши еден недоветен министер; Парламентот, во контрадикција со поимот, молчи; новинарството се ставa во пандурска улога на беспоговорно алиби на власта, како опиум за народот. А ништо не се решава: името (БЈРМ – тој ковчег за нацијата) си останува, исто, визно-пасошкиот режим. Укинувањето на ембаргото не е соодветен еквивалент; тоа е домен на реципроцитет.

Материјалната помош како награда на “македонската кооперативност”, извинете, смрди на проституција, како и недамнешната идеја за централна балканска република што ја обелодени Тупурковски. Македонскиот народ е пред судбински тест. На политичката опозиција и на граѓанските ассоцијации им претстои одговорна работа на проект на темелно движење на отпорот, од кое ќе произлезе влада на национален спас и вонредни избори. Раката да му се исуши – кој ќе стави потпис на најавената спогодба!“

Навистина, чудни се патиштата Господови, особено оние поврзани со личната карма. Споредбата на актуелниот политички миг со оној од времето кога е пишувана колумната, на користената терминологија, па ако сакате и на личностите, кои се препознаваат, останува работа на субјективна процена и оценка. Не знам дали актуелниот министер за надворешни работи се сеќава на тоа што пишувал неговиот татко, но би било добро да се потсети, посебно пред почетокот на завршниот чин за расплет на македонскиот јазол. Зашто, шармот во надворешната политика не минува и бргу се заборава, ама татковата клетва останува. До деветтото колено.

Предраг Димитровски

Извор: “Курир”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.