Министерката за одбрана Славјанка Петровска и ополномоштената амбасадорка на Украина Наталија Задорожњук, денеска остварија средба во Министерството за одбрана, на која уште еднаш било потенцирано дека нашата земја како и сите останати земји членки на НАТО дава недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Петровска, како што информираат од нејзиниот Кабинет, на средбата истакнала дека како земја-членка на НАТО, Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја земја да се определи за својата иднина.
Амбасадорката Задорожњук, се вели во соопштението, изразила благодарност за недвосмислениот став за поддршка на Северна Македонија на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, и поддршката за политиката на отворени врати на НАТО.
Петровска, исто така, го потврдила ставот на Северна Македонија дека најдобро решение е дипломатското решение на кризата во Украина, како и поддршката за напорите на НАТО за користење на сите дипломатски и политички алатки за намалување на тензиите и де-ескалација на ситуацијата.
На средбата со амбасадорката на Украина Наталија Задорожњук ја потврдив недвосмислената поддршка на Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и за правото на Украина и нејзините граѓани да одлучуваат за својата иднина. pic.twitter.com/hGiLf7Ot6l
— Slavjanka Petrovska (@SlavjankaPetrov) February 21, 2022