Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски преку социјалните мрежи веќе информираше дека тој и лидерот на партијата, Зоран Заев, се откажуваат од средствата за патните трошоци, како што ветија пред граѓаните.
„За да дадеме пример, да бидеме оние од кои оваа иницијатива тргнува во пракса, вчера заедно со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ги потпишавме изјавите со кои јас и тој, официјално се откажуваме од средствата кои ни следуваат на имe на патни трошоци“, напиша Николовски на неговиот профил.
Граѓаните тоа го очекуваа и од останатите пратеници од СДСМ кои седнаа во собраниските клупи, а тоа го очекуваа и 17.074 прилепчани што гласаа за СДСМ и Миле Талески во Прилеп.
И покрај изборното ветување, Талески досега не се откажа од оваа привилегија, а денеска гласаше и за изборот на Талат Џафери за старо нов Претседател на Собранието на Македонија.
А кога е Прилеп во прашање, платите и парите од патните трошоци можат да се донираат за вработените во прилепскиот загубар “Еурокомпозит”, каде луѓето со месеци не одат на работа и немаат никакви примања.