Милевски: “Против Италија мораме да функционираме како тим”

– Сакаме да покажеме дека Македонија е конкурентна и покрај проблемите со кои се соочуваме. Ќе го дадеме максимумот, момците ќе бидат подготвени за предизвикот и мислам дека атмосферата во националниот тим ќе биде добра и позитивна. Без разлика на резултатите, Македонија заслужува поддршка од трибините и се надевам дека стадионот ќе биде исполнет до последното место, изјави Милевски.

Селекторот објави дека од првичниот список поради повреди отпаѓаат Марјан Радески, Дарко Чурлинов и Ваљон Етеми.

Милевски нагласи дека треба сите комплетно да ја согледаат реалната слика на македонскиот фудбал, додавајќи оти „црвено – жолтиот“ тим не е фудбалска велесила, а високиот пораз од Англија треба да послужи како отрезнување.

– Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и наша должност е сите да се ставиме во функција на тимот, само така може да се надеваме на успешни настапи. Факт е дека постојано, освен со Португалија, секогаш ни недостасувале витални играчи, но ростерот е тој, изборот е тој, тоа е реалноста. Не сме фудбалска велесила. Тоа што ни се случи со Англија е можеби и добро, за да се спуштиме на земја и да почнеме од долу, да градиме тимски дух и тим, додаде Милевски.

Македонските фудбалери на 9 септември во Скопје ја пречекуваат Италија, а три денови подоцна гостуваат во Малта во рамки на квалификациската група Ц за пласман на ЕУРО2024.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.