На Фејсбук се појави фотографија на која се гледа како мечката Мишка се поклонува пред иконата на Свети Серафим Саровски – објави “Денешен.мк”.
Големиот руски светец, кој живеел во 18 век, а Православната црква го слави на 15 јануари, бил познат по неговата огромна љубов кон се, па и кон дивите животни, особено мечките. Една огромна кафеава мечка му била постојан „посетител“. Ќе ја наведнела главата за Старецот да ја погали, а потоа ќе легнела покрај неговите нозе и се умилкувала како да е мачка, а не страшна ѕверка.
Кај Свети Серафим Саровски доаѓале достоинственици, но и од обичен свет. Самиот император дошол кај него. Но, тогаш се појавила огромната мечка, па царот пребледел, а Свети Серафим се свртел кон мечката и и рекол:
– Немој сега, треба да разговарам со Царот, дојди подоцна.
Мечката си заминала во шумата.
Некои злобни луѓе во селото мислеле дека кај Свети Серафим има многу богатства, затоа што луѓето му носат сè. Бидејќи алчноста ги заслепила, тие никогаш не помислиле дека Старецот не прима никакви подароци. Дошле кај него и барале злато. Кога не нашле ништо, го претепале Старецот.
По некое време, дошла мечката. Како животното знаело што да прави, само Бог знае. Мечката некако го ставила старецот на грб и го однела во манастирот оддалечен околу десетина километри. Тропала на вратата додека не ја отвориле, а потоа чекала монасите да го земат Старецот. Чудото го виделе многумина, монаси и верници, кои биле во манастирот.
Повредите биле смртоносни, но Светиот Старец преживеал. Долго се опоравувал. Властите, пак, ги проншле виновниците, но Свети Серафим им простил и одбил да ги тужи.
Старецот простил, но мечката не. Таа ги пронашла двајцата виновници и строго ги казнила на свој, мечкински начин. Третиот човек, кога видел што се случило со неговите другари, отишол кај Старецот да го моли за прошка.
Старецот му прости и наредил на мечката да не го допира. Мечката никогаш не го допрела, но ја вртела главата кога ќе го видела. Овој човек навистина се покајал и целосно го променил својот живот. Тој станал послушен на Старецот и го слушал верно до крајот на животот.
Извор: “Денешен.мк”