МВР официјално потврди: 51 лице загина во пожарот во Кочани и над 100 се повредени

Искри од пиротехника кои се употребувале за светлосен ефект се причина за трагедијата во Кочани, потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој официјално потврди дека до сега има 51 загинато лице и над 100 повредени.

Министерот вели дека се приведени лица, со кои се одвива разговор за причините за пожарот.

– На 16.3.2025 околу 2:35 од страна на полициски службеник од ОВР Кочани кој во моментот постапувал по план за контрола на угостителски објекти во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во Полициска станица Кочани е добиено информација дека во дискотеката избувнал пожар додека се одржувал концерт на групата ДНК, изјави Тошковски.

Веднаш по добивање на информацијата, како што рече, дежурната служба во Полициската станица Кочани ги известила Територијалната противпожарна единица и Итната медицинска помош, кои за краток временски период пристигнале на лице место и започнале со пружање на прва помош и евакуација на присутните.

Според првичните информации со кои располагаме, пожарот настанал како последица на искри од пиротехнички средства кои што биле употребени за светлосни ефекти на концертот. Во моментот на активирање на т.н прскалки, најверојатно искрите го зафатиле таванскиот дел кој бил од лесно запалива материја, по што за многу краток период пожарот се проширил низ целата дискотека и се создал густ чад. За краток временски период на лице место пристигнати се служби од противпожарните служби и Итна медицинска помош од соседните градови кои се вклучиле во помош на повредените а веднаш се активирани хеликоптери на МВР кои се вклучиле во транспорт на повредените до скопските клиники, рече тој.

Додаде дека МВР со целиот капацитет ги презема сите неопходни мерки за расветлување на околностите и утврдување на одговорност за оваа трагедија.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.