Претседателот на компанијата “Алибаба” Џек Ма предупреди дека светот може да се соочи со големо пореметување кое може да го предизвикаат интернетот и новите технологии.
Во обраќањето на еден собир во Клубот на кинески претприемачи во градот Џангџоу, кинескиот милијардер ги повика владите да спроведат реформа во образованието и истакна дека луѓето треба да работат со машините.
“Во наредните 30 години, во светот ќе има многу повеќе болка отколку среќа, бидејќи ќе имаме многу повеќе проблеми на кои ќе наидеме”, вели Ма, говорејќи за потенцијалното губење на работни места поради технологијата.
Оснивачот на една од најголемите светски платформи за електронско тргување предупреди дека социјалните конфликти ќе имаат големо влијание на сите индустрии и области на животот, додавајќи дека пред 15 години одржал 200 до 300 говори за влијанието кое ќе го имаат е-тргувањето и интернетот на традиционалните компании, но малку луѓе го послушале “бидејќи не бил познат”.
“Машините не би требало да ги заменуваат луѓето во работите кои тие можат да ги работат, а технолошката заедница треба да се тежнее да произведува машини кои ќе ги работат работите кои луѓето не можат. Тоа би ги направило луѓето и роботите вистински партнери”, вели Ма.
Ф.Г.