Да се биде градоначалник на Прилеп е чест и задоволство, но и голема обврска бидејќи Прилеп е историски град кој многу ја задолжил Македонија со голем број на револуционери кои потекнуваат од градот херој под Марковите Кули, истакна градоначалникот Марјан Ристески на денешната панел дискусија.
-Како прилепчани Македонци го следиме патот и го доживеавме сонот на Македонците кои сонувале за независна и самостојна земја. Илјадници го дале животот за тоа. Заложбата и времето кое го носиме од нашите предци од нашата тешка и мрачна историја, сега имаме шанса со гордо крената глава да ја исправиме Македонија да стане дел од Европа. Не смееме да си дозволиме некој да си поигрува со суверенитетот и интегритетот на Македонија. Голема е болката кога гледаме странски служби и сили кога делуваат за разнебитување на Македонија и народот, но повеќе боли кога сили од внатре се стремат да ја разнебитат нашата земја, истакна Ристески.
Тој беше дел од бранителите во 2001-ва година, период за кој говори со многу емоции.
-Македонија беше повторно на крстосница, на војна која не можеме да ја дефинираме, од каде и за што почна. Тоа прашање не мачи од 2001-ва до денес. Јас знам дека тогаш чесните Македонци со еден патриотизам, елан и позитивна енергија чекавме да застанеме на браникот на нашата земја и да му покажеме на светот дека никој не смее да си игра со она што тешко го имаме спечалено. На повикот од АРМ влегувавме во резервниот состав пак истите тие под наводници Македонци правеа напори да ги омаловажат оние кои се јавуваа на браникот на Македонија, а себе и своите деца се правеа болни вадејќи си лекарски уверенија, а додека траеше воениот конфликт си ги испраќаа да учат во странство само за да не ја бранат државата, а летото го минуваа на грчки плажи, рече Ристески.