Да создадете уметничко дело кое ќе треба долги години да краси нечиј дом, а притоа секојдневно да предизвикува воздишки и восхит, воопшто не е лесно. Не е потребно да имате само уметничка душа за нешто такво, туку да поседувате и доволно љубов, умешност, трпеливост и голема пасија за да постигнете ремек дело. Само тогаш знаете дека сте ја постигнале целта и сте допреле до нечие срце и душа.
Тоа и оди од рака на Марина Деаноска од Прилеп. Во нејзиното студио таа секојдневно создава нешто ново и ја вложува целата своја имагинација и креативност. Мирна рака, око за убаво и умешност да се вгради живот, се само дел од тајните кои ја красат нејзината работа.
Изработува прекрасни филиграни за различни поводи и животни настани. Украсни, персонални, за годишнини, родендени… Не постои момент од животот кој оваа вредна прилепчанка не може да го направи посебен.
Тука се и преубавите икони, блескави, чиниш ќе проговорат. Тие красат голем број семејни домови, цркви, манастири, а често патуваат и надвор од нашата држава.
Вели дека е горда на секое свое дело, а како и не би била кога создава уметност што плени. Вели дека се чувствува посебно и преблагодарно кога ќе израдува некого со крајниот резултат, а кој не би се израдувал и кој не би бил среќен со вакви изработки.
Тука не можеме, а да не ја спомнеме ремек делото – Св. Никола со димензии 1м х 70цм, кое Марина го изработи неодамна и кое денес го краси домот на нашинци во Германија.
Со еден збор креациите на Марина се совршен подарок за секоја пригода, нешто што останува во вечен спомен и што ќе се пренесува од генерација на генерација.
Kaжи ни како се роди кај тебе пасијата за овој занает?
-Со оваа уметност почнав да се занимавам од хоби, но тоа хоби ми прерасна во нешто повеќе. Патот досега ми беше доста трнлив, затоа што немав каде да се обратам за помош кога станува збор за оваа техника. Филигран техничката е единствена и препознатлива за нашата држава. Начинот на изработка сака премногу трепеливост, имагинација, упорност… и се разбира многу љубов. Изработувам најразлични мотиви за секакви пригоди, но она што ме издвојува од конкуренцијата е тоа што работам современа уметност во филигран техника.
Можат ли да се избројат сите дела кои ги имаш креирано досега?
-Досега имам сработено 1.400 филигран слики на кои сум премногу горда, но најголемо дело што го имам направено е филигран сликата на Св. Никола, која беше со димензии од 1 метар висина и 70цм ширина, која патем го краси домот на нашинци во Германија. Сликата ја изработив за 45 работни часа, а исто така можам да напоменам дека бев дел и од програмата за размена на студенти поддржана од невладината организација ERASMUS+, за кој сработив 40 филигран слики, кои отпатуваа во 6 земји. Сето тоа ми дава уште поголема мотивација да работам напорно и да се искачувам скала по скала погоре.
Што се користи за изработка на твоите дела, кои материјали и алати ги користиш најчесто?
-Од идеја до реализација се поминуваат неколку фази. Основен репроматеријал е срмениот конец, кој може да се најде во многу бои и дебелини, потоа е лепакот, мотивот, позадините, циркони, украсните детали и рамките. Првиот чекор на изработка на филигран е мотивот, па следува фаза на печатење на она што треба да се изработи. Наредна фаза е изработката на самата слика, а потоа следува лепење на соодветна позадина, за на крај сликата да се урами. Репроматеријал најчесто набавувам од главниот град. Особено сум горда што моите дела често патуваат надвор од границите на нашата држава, или досега во 12 земји во светот.
Марина вели дека прилепчани ги ценат рачните изработки, умеат да препознаат што е убаво и знаат да подарат во секоја пригода. Ако и вие се двоумите што да им подарите на вашите родители за годишнина, на домаќините за слава и именден, на вашите најмили за роденден и слично…. уште денеска побарајте ја Марина и раскажете и’ ја вашата идеја.
Нам ни останува да и’ посакаме на нашата вредна прилепчанка уште многу успешно реализирани проекти, а вам ве упатуваме да ги посетите профилите Marina Filigran Studioo на Фејсбук и на Инстаграм.