Атанас Кирјаков, македонски активист од Бугарија и кандидат за градоначалник на Благоевград на последните локални избори лани, уште еднаш го нагласува своето македонско самосознание, и тоа откако беше повикан во 6. Реонска управа на Министерството за внатрешни работи во Софија.
„Роден сум како Македонец, живеам како Македонец, се борам за човековите права на Македонците како Македонец и ќе си умрам како Македонец.
Да се биде Македонец е чест, гордост и достоинство.
Мојата мајка е Македонија, а моето семејство е Македонската организација“, објави Кирјаков на Фејсбук.
Еден од основачите на Обединетата македонска организација „Илинден“ бил повикан во својство на сведок во управна постапка и по десет минути бил ослободен и информиран дека објавената национална потерница за него е повлечена.
„Лично, немам коментар за тоа како и зошто е објавена национална потерница за мене. Останува само чудниот однос кон мене и однесувањето на службите, кои три години не можеле да ме најдат“, вели популарниот Војвода.
За повикувањето на Кирјаков во МВР во Софија реагираше и Светскиот македонски конгрес, објаснувајќи го тоа со неговата намера да учествува и на делумните избори за градоначалник на Благоевград наесен.