Зоран Мрсески, македонски Бугарин од Прилеп, најави дека ќе учествува на претстојните парламентарни избори во Бугарија како кандидат за пратеник. Тој ќе се кандидира во 23-тата изборна единица во Софија, на изборите закажани за 19 април, како дел од листата на партијата „Преродба“.
Информацијата Мрсески ја сподели преку социјалните мрежи, истакнувајќи дека ја прифаќа номинацијата со „голема чест и одговорност“. Воедно, им се заблагодари на партиското раководство за довербата, како и на лидерот Костадин Костадинов за поддршката и можноста да биде дел од кандидатската листа за 52-от состав на бугарското Народно собрание.
Мрсески е познат како водител на каналот „Б2 Канал Почетна Пресметка“, а исто така ја извршува и функцијата претседател на здружението „Југ“ со седиште во Прилеп.
Во својата објава, тој нагласува дека во изминатите години покажал лојалност и посветеност кон идеите на партијата. Доколку ја добие довербата од гласачите, најави дека ќе продолжи да се залага за заштита на бугарските интереси, како и за правата на Бугарите кои живеат надвор од Бугарија.
























