Ракометната репрезентација на Македонија го совлада Исланд со резултат 30:25, во третото коло од квалификациите за Европското првенство во 2018 година кое ќе се игра во Хрватска.
Македонија го контролираше мечот во речиси сите 60 минути. Исланд имаше водство од 0:2 во почетните минути и уште еднаш кратко 15:16, во второто полувреме.
Исполнетата до последно место арена “Борис Трајковски” беше силен ветар во грбот на нашите ракометари, кои блескаа во секој поглед.
Најефикасен во редовите на црвено-жолтите беше капитенот Кирил Лазаров со 11 постигнати голови, додека Филип Талевски постигна 5, а Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски по 4 гола.
Со новите бодови Македонија се проби на првото место на табелата со вкупно четири бода, колку што има и второ пласираната Украина која вчера ја победи Чешка со 26-23. Селекциите на Исланд и Чешка досега освоија по два бода.
Ние ви пренесуваме дел од жешката атмосфера од трибините во СЦ “Борис Трајковски”:
Веќе претстојниот викенд ќе се играат средбите од 4.коло, и тоа, во сабота дуелот Чешка – Украина, додека натпреварот Исланд – Македонија е во недела од 19 часот и 45минути.