Стечајот може да заврши со задржување на вработените и продолжување на работата на капацитетот, како што беше со ФЕНИ. Тој модел ќе се обидеме да го примениме и на Еурокомпозит, наместо долгиот процес за приватизација, истакна вчера вицепремиерот Кочо Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој лично, како што рече, е оптимист дека Еурокомпозит за краток период ќе продолжи со работа.
– Еурокомпозит е долги години блокиран, но му помогнавме да продолжи со работа што не е, ниту смее да биде трајно решение. Компанијата треба да се приватизира, но во транспарентна постапка, а за тоа има два начина, или објавување тендер или наоѓање инвеститор за целосна реорганизација како што беше со ФЕНИ, напомена Анѓушев.
Стечајот, подвлече вицепремиерот, покажува резултат само ако имате чесни намери и капацитет да го спроведете.
– Ако најдеме разбирање со инвеститори што се заинтересирани, а со такви неколку веќе разговаравме, за да не го чекаме долгиот период за приватизација, можеме да го примениме и вториот законски модел за санирање на состојбата, рече Анѓушев.
Со одлуката на Владата од вчерашната седница, прилепски Еурокомпозит треба да побара позајмица од 11 милиони денари (шест милиони денари од АД ЕЛЕМ и пет милиони денари од АД МЕПСО). Со тие пари на вработените ќе им бидат исплатени по две плати, наместо по една како што беше најавено по прекинот на нивниот штрајк минатата недела.
На вработените во „Еурокомпозит“, чии загуби се проценуваат на пет милиони евра, не им се исплатени 18 плати и придонеси за изминатите шест години.
МИА