Од седми до десети септември во Кавадарци ќе се одржи традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“. Лепа Брена, Дарко Лазиќ, Халид Бешлиќ и Хурикејн, но и претставници на македонската музичка сцена се дел од музичката понуда за оваа манифестација.
Со мнозинство гласови вчера кавадаречкиот совет ја усвои програмата за „Тиквешки гроздобер 2023“. За реализација на истата се предвидени 10.595.086 денари. Општината ќе издвои пет милиони и триста илјади денари, а остатокот се планира да се обезбеди од излагачи, спонзори и донатори на Фестивалот.
И годинава дел од програмата за „Тиквешки гроздобер“ се карневалското дефиле, културни настани, мото рели, таблијада, изложба на олд тајмери.
На градскиот плоштад во Кавадарци ќе се презентира тиквешка традиционална храна, како и вино, ракија, маџун.