Заврши реализацијата на проектот за конзервацијата на куќата на Жеревци, која е во рамки на проектот за обнова на објекти со автентична староградска архитектура. Куќата на Жеревци која е изградена околу 1900-тата претставува одличен пример за влијанијата од европската градителска естетика на овие простори. На неа е зачувана оригиналната фасада, како и богатата архитектонска декорација, карактеристична за периодот на изградбата.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска посочи дека целосно е заменета подпокривната конструкција и покривот на куќата чие пропаѓање и протекување влијаело и на фасадните ѕидови. Од особено значење е и што со реставрацијата на објектот, автентично се обновени сите елементи, вратен е целиот сјај и раскош на градбата, со што силно се потенцира градскиот дух на Прилеп во тоа време, посочи Министерката Канческа во изјавата за новинарите.
Според Градоначалникот Ристески, Прилеп доби уште еден нов лик со конзервацијата на куќата на Жеревци. Во градот има околу десетина вакви куќи кои треба да се реставрираат, од кои реконструирани се три.
Министерката Канческа ги најави и скорешната реализација на уште еден значаен проект во Прилеп на кој интензивно работи Заводот за заштита на спомениците на културата во Прилеп. Станува збор за темелна реконструкција на источниот конак на манастирскиот комплекс Св. Архангел Михаил во Варош чија промоција се очекува до крајот на месецов. Исто така продолжуваме и со конзервацијата на манастирот Св. Никола во Мариово, на проектите за обнова на опожарените конаци на манастирот Трескавец, како и на проектот за непосредна заштита на административната зграда на Заводот и музеј Прилеп.