“Курир”: Шokaнтно cвeдoчeњe на Верушевски – Бомбите се cтpaoтно модифициpaни и компpoмитиpaни!

Таканаречената „Вистина за Македонија“ е базирана на материјали кои биле незаконски следени, а потоа изменети и компромитирани. Ова во својот исказ пред судот во предметот „Таргет-Тврдина“ го изјави денеска поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски кој важеше за креатор на целиот проект на Зоран Заев – oбјави “Курир”.

Верушевски изјави дека до неговото апсење го знаел точниот обем на документацијата, но потоа немал контрола.

„Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитирања. Зборувам после моето лишување од слобода“, кажа Верушевски, на општо изненадување во судницата. Тоа практично значи дека материјалите кои ги предал Заев во СЈО се изменети и монтирани, што практично отвара прашања во однос на постапките и по другите предмети.

Во својот исказ Верушевски не можеше да ја потврди ниту веродостојноста на материјалите со кои располагал пред да биде приведен во случајот „Пуч“.

„Потеклото и креацијата на документацијата може да ја даде само надлежна институција со вештачење. За политичка партија таквата амбиција не е достижна, ниту е поставена како реалност. Амбицијата на одделот со кој управував беше да обезбеди валидни документи со кои партијата ќе го оспори легитимитетот на власта“, изјави Верушевски.

Верушевски денеска се обиде да се дистанцира себе си од проектот „Вистина за Македонија“, велејќи дека неговата улога била да ги анализира незаконски прибавените материјали и за тоа да ги информира лидерите на СДСМ.

„Не обезбедив јас било какви разговори на лична основа. Сето тоа што се случуваше во СДСМ беше обврска да го анализирам. Не бил мој интерес, ниту приватен, ниту на памет ми паѓаше такво нешто. Информациите не завршуваа кај името и презимето мое, туку во партијата“, рече Верушевски, според кого материјалите доаѓале преку други структури во партијата. Контрадикторно во однос на претходните сведочења дека проектот „Вистината за Македонија“ започнал уште во 2008 година, Верушевски посочи дека тој бил запознаен со материјалите дури во 2010 година, по неговото враќање од Италија. „Кон крајот на 2010 година се првите информации кои сум ги добил поврзани со овој случај. Во тој период бев одговорен за безбедносната политика на СДСМ и информациите од ваков карактер беа обврска за анализа. Се правеа тактички анализи. Ги користеше лидерството за своите стратешки одлуки и политики“, изјави пред судот Верушевски.

Според Верушевски, со материјалите и нивната содржина бил запознаен уште Црвенковски. „Црвенковски и Заев во цело време на нивното лидерство имаа увид во документацијата. Стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев“, рече Верушевски.

Судењето во предметот „Таргет-Тврдина“ продолжува на 10 октомври со вкрстено испрашување на сведокот Зоран Верушевски.

Извор: “Курир”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.