“Курир”: Младинската гаранција на Заев издиша како балон

“Проектот “Гаранција за млади“ не е само декларативна заложба. Со него ќе овозможиме секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување во период од четири месеци по завршување на школувањето, пред стекнување статус на невработен“- ова е предизборното ветување на СДСМ, кое се наоѓа на страна 128 од нивната програма.

Исто така ова ветување беше тешко експлоатирано од страна на целокупниот врв на СДСМ во време на предизборната кампања. Не помина митинг или средба со граѓани и видео обраќање каде Зоран Заев, Радмила Шеќеринска или Стефан Богоев не збореа за оваа гаранција за млади.

Една година откако СДСМ е на власт, од фамозната “Гаранција за млади“ речиси и да не остана ништо.

Откако стана јасно дека не можат да го исполнат тоа сега од речиси сигурно вработување кое требаше да го добијат стана пилот фаза во која ќе бидат вклучени Град Скопје, градот на Заев, Струмица и општина Гостивар.

За ова “достигнување“ се пофали и самиот премиер Заев на својот Фејсбук профил.

“Воведовме проект Гаранција за Млади со кој младите лица на возраст од 15 до 29 години кои не се вработени ниту пак вклучени во образованието или обуката а оваа година за прв пат се евидентираат како невработени лица, во период од четири месеци имаат можност да добијат шанса вработување, образование обука или практиканство“.

Тука се ќе беше во ред ако ова важеше за сите како што имаа ветено. Но овој пилот проект е направен да важи за сите оние кои допрва треба да се пријават како невработени. Тоа би значело дека ако некој е веќе пријавен во Агенцијата за вработување неколку месеци или пак неколку години ова нема да важи за него. Но секако Заев не им го спомна на младите тоа кога за време на предизборната кампања. А и зошто би им го спомнал кога и онака сите ветувања кои ги даде се граничат со научна фантазија.

Младинската гаранција од најголем проект, станува најголемо разочарување. Истата од столб на кампањата на СДСМ стана пилот проект, кој не е извесно како ќе заврши, имено во најавата на Заев не се наведени ни конкретни рокови ниту пак колку лица се очекува да ја искористат оваа програма ниту пак колку компании ќе земат учество или пак колку компании ќе им понудат работа и обуки на идните лица кои треба да ги искористат овие поволности.

Според младинската невработеност Македонија со 50.1 процент е на трето место во светот по невработени млади во листата на Светска банка, која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) за 2017 година. Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54,2 проценти и Босна и Херцеговина со стапка од 67,5 проценти. Од регионот, пак, најголема младинска невработеност има Грција – 47,4 проценти, во Србија таа е 33,7 проценти, во Хрватска – 29,4 проценти, во Словенија- 15,4 проценти, а во Бугарија – 15 проценти.

Извор: “Курир”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.