Општина Прилеп ги поднесе планираните проекти до Министерството за локална самоуправа, кои се од особено значење за развојот на нашиот град и кои очекуваме да бидат поддржани од Владата на Република Македонија. Овие проекти се дел од нашата визија за подобра инфраструктура и развој на општина Прилеп – напиша на социјалните мрежи градоначалникот Јовчески.
Проекти за кои општината ќе бара финансиска поддршка од Владата се следните:
1. Изградба на кружен тек на улица „11-ти Октомври“, улица „Кеј 9-ти Септември“ и улица „Кеј 1-ви Мај“ (мост „Табана“).
2. Изградба на дел од улица „Победа“, од крстосница со улица „Александар Македонски“ до крстосница со улица „Павел Шатев“.
3. Реконструкција на постоечки водоводни линии во градска четврт Карабдалица. (во централното градско подрачје)
4. Реконструкција на дел од јавна површина со партерно уредување и поставување на урбана опрема во централното градско подрачје на Прилеп (кај хотел „Скопје“).
Изградбата на кружен тек на мостот “Табана” е проект кој датира уште од 2017 година, за кој средства беа обезбедени од Светска банка, а го најави тогашниот градоначалник Марјан Ристески. За жал проектот беше откажан од следната владеачка гарнитура предводена од Илија Јованоски, за кого овој проект веројатно беше голем залак.
Вредноста на проектот во тоа време требаше да изнесува околу 2 милиони, обезбедени преку кредит од Светска банка, со три години грејс период и рок на отплата од 10 години. Кредитот вклучуваше и енормно ниска камата која беше доста поволна за општината, а после завршувањето на проектот, општината требаше да добие ГРАНТ во вредност од 500.000 евра за успешно завршување на проект.
На таков начин Прилеп ќе добијаше средства за финансирање на друг капитален проект што ќе беше од огромно значење за градот.
Потсетуваме дека во проектот беа предвидени:
-реконструкција на дел од улицата “11-ти Октомври”, на потегот од кружниот тек Солидност до фурната Плетварец
-кружен тек кој требаше да се направи со проширување на мостот Табана, со што комплетно ќе се растеретеше сообраќајот во овој дел од градот.
-предвидени беа 4 ленти со зелен појас во средината, со ново енергетско ефикасно осветлување, нови тротоарни површини и велосипедски патеки
Со ова градот ќе добиеше комплетна булеварска улица “11-ти Oктомври” и со булеварско решение ќе го решеше целиот потег од влезот кај бензиската пумпa Лук Оил до центарот на градот, како што доликува на еден град кој тежнее да заличи на урбана европска средина.
Како требаше да изгледа овој кружен тек погледнете во продолжение: