Кошулата која ја носел светителот, на другиот кревет во болницата исцелила парализиран човек – За чудата на Св. Нектариј, еден од највозљубените светители на православието

Вчера, 22.ноември, храмот „Св. Петка“ во Прилеп пречека голем број верници кои дојдоа да го чествуваат споменот на Св. Нектариј Егински, еден од највозљубените светители на православието.

На Божествената литургија присуствуваа стотици верници, а иконата на Св. Нектариј со неговите мошти вградени во неа беа изложени за поклонение. Овој исклучителен настан привлече не само жители на Прилеп, туку и голем број верници од Скопје, Битола и околните места, кои пристигнаа со надеж и вера во молитвеното застапништво на овој светител, познат по своите исцелителни чуда.

Преку целиот ден, храмот беше преполн со верници кои со длабока побожност се поклонуваа пред моштите, упатувајќи свои молитви за здравје, душевен мир и Божја милост. Св. Нектариј, кој е познат како голем исцелител, особено за оние што страдаат од сериозни болести, беше повикуван во молитвите на многумина кои го бараа неговото застапништво пред Божјиот престол.

Кога Свети Нектариј се разболел го однеле во болница во Атина. Во болницата му откриле дека боледува од рак.

Чуда се случувале и во болницата. Медицинските сестри забележале дека завоите со кои биле повивани раните на светителот, се благомирисни.
Заедно со светиот во собата лежел парализиран човек и кога душата на светителот го напуштила овој свет, дошле доктори да го прегледаат и кошулата која ја носел Св.Нектариј ја фрлиле врз нозете на соседниот кревет на кој лежел парализираниот човек и во тој момент парализираниот добил целосно исцелување.

Веднаш по смртта, телото на светиот почнало да мироточи. Кога ковчегот го пренеле на Егина, целиот остров излегол со солзи да го испрати својот светител. Луѓе на раце го носеле ковчегот со светиот и потоа забележале дека облеката во која тие биле облечени за време на погребот на светителот – била благомирисна. Рацете и лицето на Божјиот угодник обилно мироточеле и монахињите со памук го собирале мирото.

Светителот е погребен во костурницата на манастирот. Костурницата, од различни причини, ја отворале неколку пати и секогаш се уверувале дека телото е негнилежно. Дури ни љубичиците што некое девојче ги оставило во ковчегот пред да биде погребен, немале ни трага од гниење.
Колку ли го возљубил Господ овој свој угодник ние и неможеме да сватиме.

ИКОНАТА СО МОШТИТЕ НА СВ. НЕКТАРИЈ ВО ХРАМОТ СВ.ПЕТКА ВО ПРИЛЕП ЌЕ БИДЕ ИСЛОЖЕНА ДО НЕДЕЛА 17:00 ЧАСОТ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.