Костадинов одлучен да ги чисти јавните површини од урбана опрема и летни тераси во Струмица

Одлагање на решение на инспектор не може да биде предмет на дискусија ниту било каква одлука на Совет може да ја промени волјата на граѓаните! – пишува на Фејсбук градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов откако советниците од ВМРО-ДПМНЕ побараа да не се рушат дивоградбите низ градот.

– Со целосна почит кон секој член на Советот на општина Струмица мојата должност како прв човек во Струмица е да ги почитувам законите.

ЗЕЛС како невладина организација не се меша во работата на општините поединечно.Нов правилник за урбана опрема само по себе не значи измена на закон за градба или уште полошо теоријата на правилник до легализација на дивоградба и тука да нема дилеми.

Цврсто застанувам зад интересот на моите струмичани и позади нивното право за да си го добијат тоа што е нивно, нивниот плоштад.

До сега повеќе од 80% од угостителите сами постапуваат а најавите се дека дополнително 95% ќе постапат перидов и тоa сами целосно разбирајки го притисокот на владата при акцијата ТЕМЕЛ!

Советот на Општина Струмица е конструиран според неколку прописи и секој акт што произлегува од него, а претходно е доставен во форма на Барање, Прелог или Мислење мора да биде заснован врз основа на неколку прописи.

Законот за локална самоуправа, Статутот и Деловникот на општина Струмица содржат одредби кои строго упатуваат кон надлежностите кои ги има Советот.

Јавниот интерес е крајната цел на донесување на секоја одлука која произлегува од потребите на граѓаните, но и воспоставувањето на ред.

Освен нормативниот дел, при донесувањето на секоја одлука треба внимателно да се разгледаат и начелата на транспарентност и законитост, кои доколку се прекршат може да настане анархија.

Согласно позитивното право, Советот има огромна улога во општеството, но мора да подлежи на надзор и контрола. За да се воспостави рамнотежа, секој акт кој ќе произлезе од Советот мора да содржи правен основ, со цел да не произведе незаконско дејство.

Донесувањето на “Предлог за одложување на рушење “ и предлогот за дозволување на секој граѓанин да узурпира по два квадратни метри на струмичкиот плоштад, претставува акт кој ги надминува ингеренциите на Советот.

Со оглед на правилното и праведно толкување, истиот нема да биде објавен во Решението за објавување на актите по 51та седница на Советот на општина Струмица.

Изненаден сум од елементарното непознавање на нештата од страна на дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е доволна причина граѓаните да препознаат кого да поддржат на следните избори.

Во таа смисла предлогот се одбива во целост. – напиша Костадинов на Фејсбук.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.