Концерт “Вечер со пијано и глас” , петок 25.12.2015г.

Biljana Stojkoska

Во петок 25.12. 2015 во 20 часот во големата сала од ЦК,,Марко Цепенков,, ќе се одржи Концерт со глас и пијано, на кој ќе настапат Билјана Стојкоска и Христина Никоска.
Концертот “Вечер со пијано и глас”, опфаќа програма од различни временски периоди. На програмата се дела од следниве композитори: G.F Handel, W.A.Mozart, V.Bellini, G.Puccini, G.Gershwin,L.Berstain.
Идејата, велат двете уметници е да оствари патување со слушателот низ различните временски периоди од областа на операта, и истакнување на карактеристичноста во различното фразирање во секој стил поединечно. Со тоа сакаме да ја нагласиме убавината што секој стил си ја носи во однос на времето во кое припаѓа.

Kратка биографија

Солистката Стојкоска Билјана е родена на 09.10 1990 год. Во Прилеп . По завршувањето на нижото музичко училиште во Прилеп, се здобива со диплома за четири годишно образование по инструмент флејта, во класата на професор Илија Неданоски. Од 2006 година започнува професионално да ја гради својата кариера, преку соработка со проф.М-р. Леонарда Богданоска, од која што ја зема основата во областа на сериозната музика. Целосната професионална ориентација кон класичната музика се случува откако во 2009 година е примена како студент на Факултетот за музичка уметност и од овој момент ја започнува долгогодишната соработка со проф.М-р Марија Муратовска-Наумовска, каде покрај редовните часови на факултетот, посетува регионални и интернационални семинари надвор од оваа институција. Искуство во хорската музика стекнува како долгогодишен член во хоровите Св. Злата Мегленска и професионалниот хор Про Арс. Со тоа остварува бројни настапи на многу истакнати фестивали, како Охридско Лето, Денови на македонска музика, Битолско културно лето, каде покрај како хорист се појавува и како солист. Во изминатаве две години, по дипломирањето, остварува две резиденции во Париз, Франција и Фиренца, Италија каде што ја промовира македонската музичка сцена како млад македонски изведувач. Со овие резиденции таа остварува успешни контакти со оперскиот пејач Michel d’Ottaviani и оперската пејачка Natalie Cevallos Morales од Париз, со што отвара простор за понатамошна соработка. Во Фиренца таа се претставува себе си преку солистички концерт. Паралелно со дејствувањето во сериозната музика, таа реализира повеќе проекти во алтернативната театарска сцена, а исто така нејзиниот интерес вклучува истражување во џезот, филмската, современата и експерименталната музика.

Hristina Nikoska

Пијанистката Христина Никоска е родена 1989 година во Прилеп, каде го започнува своето музичко образование во музичкото училиште во класата на проф. Виолета Кочоска. Во текот на своето музичко образование посетува часови кај повеќе истакнати пијанистички педагози, меѓу кои: проф. Мери Кавкалевска- Стоилкова, проф. Надежда Пејсахова, проф. Глигор Гелебешев. Средното музичко образование го завршува во Скопје, а дипломира на Факултетот за музички уметности во Скопје, во класата на проф. Марија Гошевска.

Учевствува на повеќе државни и меѓународни пијанистички натпревари, од кои издвојуваме позначајни награди и признанија: прва награда на државниот натпревар по пијано во Скопје, 2010, прва награда на државниот натпревар по камерна музика во Скопје,2008, втора награда на државниот натпревар по пијано во Скопје, 2006, трета награда на меѓународниот натпревар Моцартијана во Скопје,2006, како и втора и трета награда на полифониот конкурс на ФМУ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.