Вечерва со почеток од 20.30 часот на просторот околу Градскиот саат целовечерен концерт ќе одржи етно составот МОНИСТРА. Концертот е со поддршка на Министерството за култура.
Етно составот го сочинуваат:
Александар Јовевски – кавал, тамбура, гајда, Габриела Јанушеска – вокал, Филип Николовски – тамбура, Јован Стрезовски – тамбура, Дарко Ничевски – клавијатури, Марјан Андоновски, Дамјан Зифовски – ударни
Целта на етно составот „Монистра“ е изучување, негување, чување и презентирање на најубавиот дел од културното наследство на Македонија, а тоа секако е македoнската изворна музика.
Почетоците датираат уште од 1992 година кога членовите на составот стануваат дел од КУД„Цветан Димов“ од Скопје. Сите се музички образовани, а нaстапувале и на Фестивалот на изворни инструменти н песни „Пеце Атанасовски“.
На концертот во Прилеп, етно составот „Монистра“ ќе исполни изворни народни песни, ќе отсвири виртуозни ора и ќе го претстави својот специфичен музички израз, кој досега го промовирале на бројни музички манифестации и фестивали низ Македонија и во странство.