Конечно се најде функција и за Бунтур: Еве каде ќе директорува!

Лидерот на „Македонски концепт“ и коачиционен партнер во новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески е именуван за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – „Еразмус“.

Агенцијата управува со значаен фонд на средства, од кои најголем дел доаѓаат од програмата „Еразмус+“ на Европската Унија. Програмата има за цел да го поддржи образованието, обуката, младите и спортот во земјите од Европа, меѓу кои и Македонија.

Богојески доаѓа на местото на досегашниот директор Марко Ѓоргиевски, кој раководеше со институцијата од ноември 2020 година.

„Со особена чест и чувство на одговорност ве информирам дека ја примив Одлуката од страна на стручниот Управен одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со која на Јавен повик сум избран на позицијата директор на оваа важна национална институција. Овој предизвик го прифатив свесно и одговорно, не затоа што е лесен, туку токму поради комплексноста и сериозноста на задачите што произлегуваат од образовниот сектор, особено во рамките на европските образовни програми.

Искрено благодарам за довербата што ми е укажана од страна на членовите на Управниот одбор. Би сакал да изразам благодарност и почит и кон мојот противкандидат за конструктивното учество во јавната постапка, како и кон досегашниот директор за неговата посветеност и придонес во развојот на Агенцијата.

Официјалното примопредавање на обврските во рамки на ЕУ, во присуство на претставници на Европската Комисија, ќе се одржи на 15 мај 2025 година во Варшава, Полска.

Во согласност со новите професионални ангажмани, моите позиции како професор на Воената академија во Скопје и на Универзитетот за мир на Обединетите Нации ќе бидат привремено ставени во мирување, иако ќе продолжам активно да учествувам во наставниот процес и да работам со студентите“, напиша Богојески на својот фејсбук профил во објава.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.