КОЛКУ ТЕЖАТ ДВЕТЕ ПРЕЗИМИЊА НА ЖЕНАТА: Прилепчани поделени за двете презимиња на сопругите

Dvete_preziminja_na_nevestetata_se_del_od_korenot

Во законот стои дека може да се промени и името и презимето

Наталија при склучувањето брак, на моминското го додаде презимето од сопругот. Законот го дозволува тоа. Сопругот не се бунел, иако се чувствувало нервоза. Подоцна се соочила со  иронични  забелешки по јавните институции, велејќи и дека многу и е долго презимето.

– Ќеф ми беше. А малку и од имиџ го задржав презимето. Не за наследство. И родителите беа изненадени од мојата одлука. Не знаеја. Тие вложуваа во мене, ме растеа и се грижеа 24 години. Ако еден ден станам успешна во кариерата, сакам да се почитува презимето на оној кој вложил во моето образование. А тоа се и моите корени од кои не бегам – вели Наталија.

За кусо, зајадливите, злонамерни забелешки од роднини, пријатели и создале неспокојство во бракот.

– Тоа создаде нервоза, немир кај мажот – кажува Наталија.

На Емилија, две презимиња и биле премногу комплицирани и смешно и звучеле. Затоа со мерак го зела презимето на сопругот.

– Не се каам. Само се нервирам што по банки, заводи, социјално морав  да го менувам презимето. Се измалтретирав – рече таа.

И момчињата се поделени во размислувањата. Интересно  размислува Димитар.

– Прво треба да ме праша дали ќе и го дадам моето презиме, зашто со тоа сноси и одговорност. Нејзината одлука каква и да е, не ми смета – смета тој.

Во лавиринтот на животот, кој бара колекција од одлуки, ретките презимиња, позвучните, креативните, поуметничките можат да го свртат вниманието да ги додадеш на своето или да го задржиш. Во странство токму тие презимиња се прифатливи за околината. Кај нас има и долги, неинвентивни презимиња. Ироничните се смеат: “Две презимиња, значат подолг идентитет”. За Јован, бракот, од кој се раѓа ново независно семејство и клетка, младите треба да го крепат со едно презиме.

– Дали од мажот, жената или трето, не е битно. Помина времето кога по презимето, бабата можеше да ја раскаже целата генеза на фамилијата – објаснува Јован.

Македонската жена традиционално го прифаќа презимето од мажот. Кај прилепчани сé почесто ,,запалува,, трендот на жена со две презимиња. Тоа е најчесто поради наследство.

Неофицијално дознавме дека само десет проценти од венчаните годишно во градов си го задржуваат и моминското презиме. А се венчаваат околу неколку стотици млади во една година.

За црквата важно името, а не презимето

Во Библијата преовладуваат имињата.

– На црквата не и е важно толку презимето. Кога ќе се крштева детето се спомнува само името, а презимето ја претставува лозата и потеклото на семејството. Бидејќи влијае сé уште патријархатот, прифатено е да се зема презимето од мажот, онака, како што вели  Апостол Павле: “Бидејќи мажот е глава на жената, како што Христос е глава на црквата”. Со светата тајна – брак, двајцата стануваат едно. Затоа црквата дозволува и не í смета тоа дали презимето ќе биде од мажот, жената или ќе се задржат обете. Со преземање на презимето од мажот, нему му се дава некаков приоритет. Сепака жената не е второстепен брачен другар – вели свештеник.

Комплицирано” менувањето на презимето

Во Законот за семејство, кој го чита матичарот при регистрацијата се вели дека брачните другари можат да го земат презимето на едниот или другиот брачен другар или секој да си го задржи своето презиме или секој од нив на своето презиме да го додаде презимето на другиот брачен другар или едниот брачен другар да го преземе на другиот брачен другар и на тоа презиме да го додаде своето презиме”.

Размислете добро при одлучувањето зашто било комплицирано  ако се покаете и сакате да го смените презимето.

– Од оправдани причини се предомислив и го зедов презимето од сопругот. Надлежните ме прашаа дали мажот ми дозволил да го сменам презимето, убедувајќи ме притоа дека на никој не му е важно презимето. Рекоа дека она што еднаш се запишало во таа книга не се брише. Подоцна разбрав дека постапката била долга и комплицирана. Што треба да направам не ми кажа – кажува сограѓанка.

СВР информира дека може да се промени презимето и дека тоа не е долга, ниту комплицирана постапка. Законот за лично име ја дава таа можност. Не може да го промени личното име (кое се состои од името и презимето) само лице против кое се води кривична постапка за направено кривично дело. За промена на презимето треба да се поднесе барање, извод, уверение од судот дека не се води кривична постапка и слично, по што надлежниот орган го менува името или презимето. Личното име е право на граѓанинот. Тоа се запишува во матичната книга и со него не смее да се навредува јавниот морал.

Криза на идентитет во Кина

Повеќе од милијарда Кинези или 85 проценти користат само 100 презимиња. А живеат 1,4 милијарда жители во Кина.

Во иднина децата ќе може да носат презиме кое ќе биде комбинација од презимињата на родителите. Така би се отвориле нови 1,28 милиони можности.

Пример: татко Зоу, мајка Зу, детето може да се прозива Зоу, Зу, ЗоуЗу, или ЗуЗоу.

Според нивните закони досега децата носеа презиме на еден од родителите, при што се изгубила разновидноста. Во Кина живеат околу 93 милиони луѓе со презиме Ванг, а 100 000 се викаат Ванг Тао – најпопуларно име во Кина.

Статистиката вели дека 92 милиони Кинези се прозиваат Ли, 88 милиони се Занг, околу 20 милиони имаат едно од седумте фамилијарни имиња како Чен, Зоу, и Лин.

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.