Ковачевски: Ако ги крениме платите колку што бараат синдикатите, ќе дојде до зголемување на инфлацијата

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360“ на ТВ Алсат-М, истакна дека дијалогот со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е отворен и дека се разговара за рамка, односно методологија која што ќе овозможи без политички влијанија во иднина да расте платата на работниците во овие дејности.

Тој дополни дека се прават консултации и калкулации во Министерството за образование и наука и во Министерството за финансии за да се видат можности што буџетот може да го поддржи во оваа кризна година.

-Јас сметам дека треба да има зголемување на платите во образованието, меѓутоа мора да бидеме свесни дека ова е најкризната година после Втората светска војна и мораме да се грижиме државата да може да ги финансира сите свои обврски што ги презеде. Гледате дека и во најголема криза ја покачивме минималната плата и ги зголемивме пензиите коишто се плаќаат пред време, нагласи премиерот Ковачевски.

Премиерот посочи дека во овој случај, одговорноста не е само во едноставно зголемување на платите, и дека постои можност за дополнителен инфлаторен притисок.

„Разговарав со претставниците на советот на Народната Банка, од причина што доколку ги зголемите платите колку што е вкупно барање на синдикатите, тоа може да произведе дополнителен инфлаторен притисок. А дополнителен инфлаторен притисок ќе значи дека и платата која ќе ја добијат работниците, таа после многу кратко време нема да вреди. Ако се зголеми инфлацијата тогаш обврската на Народната Банка е да интервенира преку зголемување на каматните стапки, што значи дека и долговите кои што ги имаат тие граѓани на тековни сметки на кредитни картички со зголемувањето на каматните стапки, ќе се зголемат и нивните обврски за плаќање. Затоа мора да се балансира решението помеѓу она што го бара синдикатот и она што го нуди како можност буџетот бидејќи веќе сите тие граѓани добиваат субвенција за струја, намалено ДДВ за храна итн.“.

„Сите работници, особено вработените во образованието заслужуваат поголеми плати затоа што образовниот сектор е тој кој што го креира човечкиот капитал кој што го имаме во државата а кој што гледаме дека ни се намалува. Наша обврска, како одговорни луѓе, да ги зголемуваме платите и тоа да го постигнуваме низ економско-социјален дијалог, со решенија кои Буџетот одржливо ќе ги сервисира“, посочи претседателот на Владата Ковачевски во емисија на ТВ Алсат-М.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.