“Клучката кај Беровци “стоoo”, ама ќе ја бидело за брзо?”

Наредната недела се очекува да се пушти во сообраќај регионалниот пат Прилеп-Битола, во делот кај индустриската зона каде се гради клучката со придружната патна инфраструктура. Ова го изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој со директорот на ТИРЗ Александар Младеновски денеска беше на увид на работите со асфалтирањето на приклучоците на клучката која е во завршна фаза.

-Динамиката на активностите тече, се асфалтира и очекуваме во најбрз временски рок, веќе од наредната недела, овој дел на патниот правец Прилеп-Битола да биде пуштен во сообраќај. Ова е исклучително важен дел кој се прави за развој на локалната економија, па и за целиот Пелагониски регион, изјави Сугарески.

Градежните работи на клучката за која зборува Сугарески започнаа на 17 септември, а требаше да завршат за три месеци.

Според директорот на ТИРЗ Александар Младеновски, пак, изградбата на клучката која со придружните елементи е инвестиција од околу четири милиони евра, е во завршна фаза, а неколкумесечното доцнење е од објективни причини.

-Моментално се асфалтираат приклучоците на клучката, која е во завршна фаза на изградба за да може да го оспособиме и да го пуштиме во сообраќај регионалниот пат Прилеп-Битола. Како што течат изведбените работи, набрзо во целост треба да биде готова и клучката. Сѐ зависи од временските услови, но рабоите се при крај. Доцнењето на работите од шест месеци е од објективни причини: дислокација на кабелот со ЕВН и од други непредвидени, објективни причини. Изградбата на клучката кај технолошко-развојната зона Алинци е инвестиција од 254 милиона денари или околу четири милиона евра. Инаку, овде при крај е изведбата на водоводот, а во внатрешната инфраструктура на Зоната се инвестирани дополнителни 50-ина милиони денари, објасни Младеновски.

Клучката која стана историска: Шест месеци е затворен патот, а требаше да биде готова за три (Фото)




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.